• понеделник, 23 декември 2024

Де Кро: Белгија во последните месеци протера десетици руски шпиони

Де Кро: Белгија во последните месеци протера десетици руски шпиони

Брисел, 4 март 2024 (МИА) - Во последните месеци, Белгија протера десетици руски „дипломати“ прогласени за виновни за шпионажа, објави белгискиот премиер Александар де Кро. На хартија тие се „дипломати“, но знаеме дека се занимаваат со шпионажа, истакна тој во интервју за локалните медиуми.

-Во неколку наврати, Белгија претрпе кибер напади, особено кога искажуваше став против Русија. Белгиските безбедносни служби се сомневаат дека многу често има кампањи за дезинформации организирани од Русија, истакна Де Кро. 

Тој објави дека биле пронајдени врски меѓу руски официјални лица и белгиски воен човек од екстремната десница, кој упатувал закани кон властите за време на пандемијата на Ковид и кој на крајот бил пронајден мртов во шума под неразјаснети околности.

-Контраразузнавањето со години предупредува да се внимава на акциите на Русија и екстремната десница во Европа, со кои се откриваат врски. Белгиските власти веќе докажаа поврзаност меѓу крајнодесничарската партија Влаамс Беланг и Кина. Често гледаме дека белгиската комунистичка партија не го осудува рускиот напад врз Украина, рече Де Кро. 

На прашањето што ќе се случи доколку екстремната десница и комунистите освојат мнозинство на изборите во јуни, Де Кро предвиде нестабилност. Анкетите во Белгија во последните месеци покажуваат дека Вламс Беланг ќе биде водечка политичка сила во северниот регион Фландрија, а во Валонија поддршката за комунистите расте. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан