Де Вевер: Белгија бара гаранции за да се согласи на користење на имоблизираните руски средства
- Дури и во текот на Втората светска војна имобилизираните средства не беа чепнати, па затоа треба да се регулира преземањето на ваков важен чекор, рече Де Вевер,
Брисел, 23 октомври 2025 (МИА) - Белгија ќе бара гаранции од ЕУ за да даде согласност за користење на „имобилизираните руски средства“ за исплата на т.н. заем за репарации на Украина, изјави белгискиот премиер Барт де Вевер пред почетокот на денешниот Самит на Унијата во Брисел.
- Има идеја за нивно конфискување и давање на Украина. Барам да добијам правна основа за таквата одлука. Дури и во текот на Втората светска војна имобилизираните средства не беа чепнати, па затоа треба да се регулира преземањето на ваков важен чекор, рече Де Вевер, потенцирајќи дека не станува збор за „замрзнати“, туку за „имобилизрани руски суверени средства“.
Де Вевер изјави дека ќе бара „мултилатеризација на ризикот“ со што одговорноста за преземањето на таквиот чекор би била заедничка, потоа ако биде побарано враќање на тие пари во тоа да учествуваат сите на земјите членки, како и за исплата на заемот да се користат руските средства кои се замрзни во сите држави од ЕУ, а не само во Белгија.
- Треба да се покаже солидарност. Ако овие три барања бидат исполнети би можеле да се согласиме. Во спротивно ќе направам се што е во моја моќ, и на европско, и на национално ниво, политички и правно, да ја спречам оваа одлука, додаде Де Вевер.
Одлуката за исплата на „заемот за репарации“ на Украина е една од темите на денешниот Самит на ЕУ.
Според предлогот на Европската комисија, средствата на руската Централна банка замрзнати во Европа треба да се искористат за исплата на „заем за репарација“ на Украина, вреден 140 милијарди евра, кои би се искористиле за покривање на голем дел од финансиски потреби на земјата за 2026 и 2027 година.
Најголемиот дел од овие руски суверени средства или околу 175 милијарди евра се депонирани во „Еуроклеар“ со седиште во Брисел, што на белгискиот државен буџет му носи годишен приход од околу 1,25 милијарди евра по основа на корпоративен данок. Овие средства Белгија ги користи за помош на Украина, па доколку тој приход секне, за понатамошна поддршка би требало да се користат други средства од Буџетот.
Противењето на користењето на средствата белгиската Влада го правда со стравување дека таквиот поглед би можел да го нарушил угледот на Белгија како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства во земјата. сп/
Фото: Принтскрин