• понеделник, 20 мај 2024

Гир: Родовата еднаквост е во срцето на процесот на пристапување во Европа

Гир: Родовата еднаквост е во срцето на процесот на пристапување во Европа

Скопје, 12 септември 2023 (МИА) - Родовата еднаквост е фундаментална вредност на Европската Унија, што значи дека таа е навистина во срцето на процесот на пристапување во Европа, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир денеска на Регионалниот форум „Родова еднаквост во пристапните процеси во ЕУ“ кој се одржува во Скопје. 

Амбасадорот во врска со родовата еднаквост истакна дека го разгледуваат прашањето како да обезбедат еднакви можности за мажите и жените во општеството.

- Овој настан денеска е добра можност да ги собереме луѓето кои работат на ова поле од целиот регион за да ги споредат белешките и да погледнат како можеме да продолжиме напред промовирајќи ја оваа еднаквост и со тоа да ги зближиме земјата и Европската Унија, истакна Гир.

Тања Иванова, претседателка на „Реактор“ - истражување во акција, организација која што е базирана во Скопје и работи на теми родова еднаквост, млади и урбан развој вклучително и предпристапни процеси во ЕУ, како хоризонтална тема, и граѓанско учество, нагласи дека она што треба да се направи за родова еднаквост е меѓусебно да се координираме и слушаме подобро и да сфатиме дека родовата еднаквост всушност е прашање на основни човекови права.

- Конференцијата е дел од една регионална иницијатива финансирана од Европската Унија и Шведска. Се работи за четиригодишна активност која што се спроведува од „Реактор“ како водечка организација и нашите партнери од останатите земји од Западен Балкан. Една од основните определби на Реактор е да се занимава со основните статистики, да ги информира политиките за да  бидат подобро скроени за сите нас, рече Иванова.

Таа потенцираше дека на веб страната на „Реактор“ има двегодишни студии, истражувања за сите шест земји во Западен Балкан кои што се фокусираат на дискриминација на работно место и нееднаквиот пристап, чиј резултат вели дека едни од најзасегнатите се жените и тоа најчесто во индустрии кои се помалку платени.

 - Тоа е токму поради стереотипите, бидејќи уште од мали жените се насочуваат да бидат шијачки, плетачки, учителки каде што платите се многу пониски и така подоцна во животот доаѓаме до родовиот јаз во плати и пензии кои што не можат до целиот нивен век да бидат израмнет, токму затоа што уште од старт нивната појдовна точка е поинаква, истакна Иванова.

Како што потенцираше, позитивен пример е тоа што се повеќе жени се запишуваат на техничките ИТ факултети, кои за жал понатаму се губат некаде во процесот и кога станува збор за вработеност во ИТ индустријата тие се помалку од мажите.

На настанот свое излагање имаше и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, која истакна дека нашата држава има 49 жени во Собрание, што претставува 42 проценти учество на жените во Парламентот, некаде околу 36 проценти во единицата на локалната самоуправа, само две градоначалнички од вкупно 81 општина, пет министерки и три заменички министерки.

- Прашањето за родовата еднаквост е едно од основните прашања кога зборуваме за политичкиот дијалог и процесот на пристапување кон ЕУ. Поставувањето на родовата еднаквост експлицитно се бара во договорите на ЕУ и е клучен принцип согласно Европскиот столб за социјални права, рече Тренчевска.

Таа нагласи дека во процесот на евроинтеграција имаат обврска да ги трансформираме директивите, односно сето она што значи политика на ЕУ а која е родово сензитивна, односно ги вклучува потребите и на жените и на мажите.

 - Сето ова се рефлектира и во Стратегијата за родова еднаквост, која ние како држава ја имаме донесено во 2022 година, како и Акцискиот план за имплементација на оваа стратегија. Го воспоставивме и Ресурсниот центар за родово одговорни политики кој е во состав на Министерството за труд и социјална политика, каде што се поминуваат голем број обуки, едукации и на претставниците на институциите, меѓутоа и на оние кои работат на прашањето за родовата еднаквост, рече Тренчевска и нагласи дека во изминатиот период се спроведени 32 обуки со вкупно 420 учесници од кои најголем дел се претставници на институциите.

Анита Стрепчевиќ од Центарот за женски права во Црна Гора зборуваше за родовата еднаквот во нејзината држава.

Таа истакна дека Центарот за женски права развил повеќегодишна експертиза за родовата еднаквост, и тоа на сите нивоа, од една страна на Европско ниво, од друга на Национално.

- Ние имаме многу добри канали на комуникација со Европската делегација во Црна Гора и наназад неколку години, откако се случи еден вид на политичка криза во земјата со промената на власта, тоа е пред две години, ние ги користевме овие канали кои ги имаме и со делегацијата за да се налагаме за подобра родова еднаквост, подобро информирани политики кои ќе ги вклучат родовите аспекти, и да бараме поголем притисок на Владата со цел да има проактивен став кон реформите кои ги преземаме за конечно да бидеме во ЕУ, истакна Стрепчевиќ.

Поздравно обраќање на конференцијата имаа Биби Грамсон, заменичка на амбасадорката на Шведска, Стина Магнусон Бур, раководителка на канцеларијата за Западен Балкан и Тања Иванова, претседателка на „Реактор“ – Истражување во акција. Како панелисти, покрај Н.Е. Дејвид Гир, амбасадор на Европска Унија во Северна Македонија, Делегација на Европска Унија во Северна Македонија и Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика се обратија и Дрита Абдиу Халили, државна секретарка од Секретаријат за европски прашања како и други релевантни претставници од земјата и регионот. сан/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан