Децата од групата МОЗАИК ја продолжуваат традицијата, беа во посета на црквата „Успение на Пресвета Богородица"
- Дебарската вековна традиција на верски соживот, по што е препознатлив овој крај, ја продолжуваат и најмалите, како за големите православни така и муслимански празници. Така, по повод празникот над празниците, Христовото воскресение-Велигден, традиционално децата од групата Мозаик од детската градинка "Брешиа", денеска беа во посета на црквата "Успение на пресвета Богородица".

Дебар, 22 април 2025 (МИА) - Дебарската вековна традиција на верски соживот, по што е препознатлив овој крај, ја продолжуваат и најмалите, како за големите православни така и муслимански празници.
Така, по повод празникот над празниците, Христовото воскресение-Велигден, традиционално децата од групата Мозаик од детската градинка "Брешиа", денеска беа во посета на црквата "Успение на пресвета Богородица".
Заедно со децата беа директорката на градинката, Ајрије Дачи и воспитувачката Марија Василевска и негувателката Амела Незироска.
- Целта на оваа наша посета, покрај запознавање со верските обичаи поврзани со Велигден е и развивање на мултикултурализмот со оглед на тоа што во групата има дечиња и од муслиманска вероисповед, да се развива социјалната кохезија и љубов и почит кон различностите, рече за МИА, Василевска.
Дечињата срдечно ги дочекаа намесникот на дебарската парохија Миле Ангеловски и претседателот на Црковниот одбор, Душан Казанџиевски.
Отец Миле им објасни кои обреди се поврзани со Велигден, начинот на одбележување, им подели црвени велигденски јајца.
-Голема благодарност за посетата, особено за залагањето на директорката Ајрије Дачи, и на групата МОЗАИК. Детскиот глас и радост дополнително ни го збогатија празнувањето, рече отец Ангеловски, порачувајќи дека и тие и сите жители се добредојдени во божјите храмови.
Казанџиевски од име на Одборот ги угости со храна и сокчиња.
Оваа група, претходно, по повод Рамазан Бајрам беше во посета на Инќјар џамијата во Дебар, каде срдечно добредојде им посака имамот Орхан Зенго, секретар на дебарското муфтиство. вт/сст/
Фото: МИА