• понеделник, 23 декември 2024

„Децата го преземаат теренот“ - детски фудбалски натпревар во организација на УНИЦЕФ и ФФМ

„Децата го преземаат теренот“ - детски фудбалски натпревар во организација на УНИЦЕФ и ФФМ
Скопје, 21 ноември 2022 (МИА) - Фудбалски натпревар на деца организираат денеска УНИЦЕФ и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) по повод Светскиот ден на детето - 20 Ноември. Натпреварот е насловен „Децата го преземаат теренот“ и ќе се одржи во малата сала на спортскиот центар „Борис Трајковски“ од  12.30 до 14.00 часот, каде што ќе играат  деца, професионални фудбалери од националната репрезентација, фудбалери од Специјалната олимпијада и високи функционери. Натпреварот е дел од заедничката кампања  на УНИЦЕФ и ФФМ -  „Сите сме еден тим“ со која се повикува сите да се здружат за правата на децата.

На настанот ќе се обрати и ќе учествува премиерот Димитар Ковачевски, а обраќања ќе имаат и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, и директорот на ФФМ, Дени Масев.  

Настанот ќе го модерираат Кика, Филип, Анастасија и Миха, деца од ТВ-серијата „Дајте музика“, кои ја претставуваа Северна Македонија на детскиот евровизиски натпревар.

Светскиот ден на детето се одбележува секоја година на 20 ноември за да ги истакне најважните прашања кои влијаат врз животот на децата и го поддржува учеството на децата и младите како застапници на своите сопствени права.

-Светскиот ден на детето оваа година се совпаѓа на истиот ден со официјалниот почеток на ФИФА Светското првенство во Катар 2022  и на тој начин дава ретка можност детските прашања да се најдат на врвот од глобалната агенда, соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ.

На Светскиот ден на детето се повикува на акција за да се привлече вниманието на прашања важни за децата и да се создаде поправичен, инклузивен свет за секое дете.

УНИЦЕФ и партнерите апелираат до целото општество да ги помогнат активностите за поддршка на: квалитетна здравствена грижа и исхрана за секое дете, како и заштита од болести што можат да се спречат со вакцинација; квалитетно и инклузивно образование за секое дете вклучувајќи зголемени инвестиции и подобрена ефикасност и правичност во трошењето за образование; програми кои го унапредуваат менталното здравје и благосостојба на децата и младите; здрава животна средина и фер шанса за секое дете - што подразбира активности за справување со дискриминацијата и исклучувањето за  ниту едно дете да не биде запоставено поради попреченост, сиромаштија, етничка припадност или пол. хс/са/ 

Остани поврзан