• вторник, 11 јуни 2024

„Детска патувачка фолк библиотека“ во Берово

„Детска патувачка фолк библиотека“ во Берово
Берово, 1 октомври 2022 (МИА) - Естрадни уметници од државата и врвни музичари од Националниот државен ансамбл „Танец“ денеска во Берово ќе бидат дел од настанот „Детска патувачка фолк библиотека“, кој е во организација на беровскиот Дом на културата „Димитар Беровски“, во соработка со „Медиа Консалтинг“ и Фолконика. - „Детската патувачка фолк библиотека“, има за цел, на децата да им го пренесе културното богатство, народната фолк музика, фолклорот и традицијата. Настанот ќе понуди програма за децата, преку читање на музичка сликовница, народни песни, пеење и свирење, анимирање на децата, да се вклучуваат интерактивно во самата програма, информираа организаторите. Децата како што додаваат ќе имаат можност да се стекнат со нови едукативни содржини, на нов интересен начин, со дружење едукација и натпреварувачки дух. - Во целокупниот проект учествуваат докажани музички педагози, етномузиколози, инструменталисти, естрадни фолк уметници, сите професионалци, со богато професионално искуство, додадоа организаторите. Настанот почнува во 11 часот во градскиот парк во Берово, а организаторите ги повикаа младите беровци и нивните родители да присуствуваат на ова несекојдневно случување. вс/сп/

Остани поврзан