• недела, 24 ноември 2024

Деспотовски со симболична порака пред Музеј на Град Скопје ја најави својата кандидатура за претседател на СДСМ

Деспотовски со симболична порака пред Музеј на Град Скопје ја најави својата кандидатура за претседател на СДСМ

Скопје, 5 јуни 2024 (МИА) - Актуелниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, денеска пред Музејот на Град Скопје ја најави кандидатурата за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, испраќајќи порака дека партијата е во тешка ситуација и има потреба од нов почеток.

-Позади нас е железничката станица најпогодена од катастрофалниот земјотрес пред 61 година. СДСМ се наоѓа во многу тешка ситуација и СДСМ има потреба од еден нов почеток. Она што го објавуваме денеска една нова програма за нов почеток за нов СДСМ. Веруваме и ќе се залагаме целата наша програма, целиот наш тим ќе работи на тоа исто како што Скопје, успеа да се подигне од пепелта, да се обнови и да стане убав град, така и СДСМ повторно ќе почне и ќе биде нова партија која што ќе обединува, не само своите членови, туку ќе биде партија на сите граѓани, рече Деспотовски.

Како што најави Деспотовски, доколку биде избран за претседател на СДСМ, ќе спроведе нов механизам преку кој партијата ќе дејствува како конструктивна опозиција. Истакна дека ќе формира влада во сенка, за која рече ќе биде опција на граѓаните да размислуваат и да споредуваат.

– Ќе формираме влада во сенка, која што ќе даде своја алтернатива, ќе даде опција на граѓаните да размислуваат и да споредуваат. Ќе бидеме конструктивна опозиција во Собранието, ќе бидеме конструктивна опозиција во државата. Нема да критикуваме по секоја цена тоа е исто така нешто што ќе не разликува од досегашните практики во партијата и во државата. Ќе подадеме рака на секој вклучително на нашите политички опоненти, рече Деспотовски.

Деспотовски ги повика своите противкандидати заеднички да се залагаат за фер изборен процес во партијата, бидејќи, како што рече, само со чист изборен процес Социјалдемократскиот сојуз ќе може да влезе во процес на повторно градење.

– Самата програма нуди многу работи и ние во наредните 20 дена ќе настојуваме да допреме до секој наш член. Она што исто така важно ќе ги поканиме сите проитивкандидати денеска заеднички да се залагаме за фер изборен процес, бидејќи длабоко сум убеден дека само со победа, со чиста и јасна победа во чист изборен јасен изборен процес СДСМ ќе победи на 30 јуни и ќе можеме да влеземе во еден процес на повторно градење на еден нов СДСМ, рече Деспотовски. ра/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан