• недела, 22 декември 2024

Деспотовски: До крајот на 2024 година една милијарда евра инвестиции и удвојување на бројот вработени во ТИРЗ

Деспотовски: До крајот на 2024 година една милијарда евра инвестиции и удвојување на бројот вработени во ТИРЗ
Скопје, 11 ноември 2022 (МИА) - Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски очекува до крајот на 2024 година да се оствари зацртаната цел од една милијарда евра инвестиции и удвојување на бројот вработени. Деспотовски смета и дека во зоните ќе продолжи трендот на раст на платите, како и растот на приходите во Буџетот. Во вечерашното гостување на ТВ Сител, Деспотовски истакна дека само лани во Буџетот се слеале близу две милијарди денари по однос на придонеси и персонален данок на доход што за три пати го надминува нивото на државна поддршка исплатено за компаниите. Тоа се, како што напомена, три пати повеќе средства за надминување на последиците од енергетската и останатите предизвици со кои се соочува македонската економија. -Анализите на ТИРЗ покажуваат дека за едно вложено евро од државата, компаниите враќаат три, што е реален позитивен ефект од инвестициите и новиот концепт. Со новиот концепт, инвестициските договори на компаниите веќе вклучуваат врзување на дел од субвенциите со одредена динамика на раст на платите. Очекувам да продолжи растот од 2021 година кога платите во зоните првпат го надминаа државниот просек, рече директорот. Според Деспотовски, граѓаните се уморни од програми, ветувања, зборови и стратегии. Сакаат конкретни  резултати и мерливи ефекти. -Само од почетокот на годинава имаме 2 000 нови работни места и тоа е нешто за кое треба да се радуваме сите. Крајно време е да се научи и оваа и секоја следна опозиција дека треба да се радува на заедничките, македонски успеси. Само во изминативе две години се отворени 3 500 нови работни места, а во последниве шест години во компаниите во зоните над 10 000 наши сограѓани добиле можност за работа. Овие бројки се реален резултат, а за да го постигнеме не е доволно само да имаме убаво напишани документи и ветувања, туку треба и да испорачаме, истакна Деспотовски. мч/дма/      

Остани поврзан