Ден на жалост во Општина Охрид по повод смртта на владиката Тимотеј
- Советот на Општина Охрид денеска со акламација ја усвои предлог-одлуката за прогласување на утрешниот ден за Ден на жалост, по повод ненадејната смрт на митрополитот Дебарско-кичевски, господин Тимотеј.
Охрид, 27 ноември 2024 (МИА) – Советот на Општина Охрид денеска со акламација ја усвои предлог-одлуката за прогласување на утрешниот ден за Ден на жалост, по повод ненадејната смрт на митрополитот Дебарско-кичевски, господин Тимотеј.
Согласно одлуката на градските советници, во текот на утрешниот ден знамињата ќе бидат на половина копје, а се откажуваат сите културно забавни збиднувања на територијата на Општина Охрид.
Синодот на Македонската православна црква определи заупокоената Света литургија и опелото по повод упокојувањето на владиката Тимотеј да бидат извршени во утре во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во 9 часот.
На Светата литургија ќе чиноначалствува Неговото блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежните епархиски архијереи на МПЦ – ОА, како и со претставници од другите Помесни православни цркви.
Посмртните останки на владиката Тимотеј ќе бидат погребани утре, до јужната апсада на храмот на Свети Пантелејмон на Плаошник. аб/ев/
фото/МИА