• петок, 22 ноември 2024

Дендиас и Борел разговарале за придонес на ЕУ операцијата во извлекувањето на запалениот грчки танкер во Црвеното море

Дендиас и Борел разговарале за придонес на ЕУ операцијата во извлекувањето на запалениот грчки танкер во Црвеното море

Атина, 29 август 2024 (МИА) – За придонесот на ЕУ операцијата „Аспидес“ (Штитови) во безбедното извлекување на грчкиот танкер „Сунион“ што минатата седмица беше нападнат во Црвеното Море и гори од 23 август, разговарале министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, јави дописничката на МИА од Атина.

- За време на телефонскиот разговор со заменик-претседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел разговаравме за придонесот на ЕУ операцијата „Аспидес“ во безбедното влечење на танкерот „Сунион“ и спречувањето на еколошка катастрофа, напиша Дендиас на платформата Икс.

Од ЕУ операцијата „Аспидес“ (Штитови) вчера информираа дека постојат жаришта на неколку локации на главната палуба на бродот, но дека нема излевање на нафта.

Паралелно посочија дека за да се избегне катастрофална еколошка криза, ЕУ операцијата во координација со европските власти, ја проценува ситуацијата и е подготвена да ги олесни сите правци на дејствување.

Грчкиот танкер минатата среда беше нападнат од Хутите во Црвеното море, а членовите на екипажот, 23 лица од Филипини и двајца руски државјани не беа повредени.

Два дена по нападот се појави пожар, што сè уште не е изгасен, а танкерот е закотвен во Црвеното море.

Паралелно јеменските бунтовници Хути, се согласиле на привремен прекин на огнот за да им се овозможи на спасувачките бродови да стигнат до танкерот и да биде префрлен на безбедна локација и да се избегне еколошка катастрофа. ср/рп/

Фото: ЕУ операција „Аспидес“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан