• недела, 22 декември 2024

Демонстрантите во Тбилиси ја прославуваат одлуката за повлекување на спорниот закон за странски агенти

Демонстрантите во Тбилиси ја прославуваат одлуката за повлекување на спорниот закон за странски агенти

Тбилиси, 9 март 2023 (МИА)  - Плоштадот пред зградата на парламентот во Тбилиси се уште е исполнет со демонстранти, кои ја слават одлуката на грузиските власти, донесена претпладнево, за  повлекување од процедура на контроверзниот законот за странски агенти, 

Толпата од пред собраниската зграда е се уште таму, покрај поставената заштитна ограда,  бидејќи  демонстрантите немаат доверба во државните органи затоа што одлуката за повлекување на законот беше соопштена само усно, а не беше потврдена со гласање во Собранието.

Воедно, опозициските активисти ги повикуваат властите да ослободат повеќе од 130 лица кои беа приведени за време на протестите од 7 до 8 март, пренесуваат руските медиуми.

Веќе цела недела илјадници демонстранти се излезени на улиците на Тбилиси, откако пратениците во прво читање ја усвоија грузиската верзија на законот за странски агенти.

Предлог-законот за транспарентност на странското влијание предвидува формирање на регистар на невладини организации, медиуми и субјекти кои добиваат средства од странски држави.

Законот предвидува организациите што добиваат повеќе од 20 отсто од средствата од странство да бидат регистрирани како „странски агенти“ и ќе подлежат на надзор на грузиското Министерство за правда.

Иницијаторите на предлог-законот тврдат дека станува збор за помека верзија на американскиот закон, а опозицијата тврди дека предлог-законот нема никаква врска со американскиот закон и дека е аналоген на законот што е на сила во Русија.

Според грузиската верзија, за странски агент се дефинира правно лице, додека американската верзија се однесува и на правни и на физички лица и предвидува кривична одговорност.  сд/

Остани поврзан