• четврток, 07 ноември 2024

Демир Капија доби финансиска поддршка за колекторски систем за одведување на отпадни води

Демир Капија доби финансиска поддршка за колекторски систем за одведување на отпадни води

Демир Капија, 21 јуни 2023 (МИА) - Демир Капија доби финансиска поддршка за колекторски систем за одведување на отпадни води, информираше попладнево демиркапискиот градоначалник Лазар Петров.  

-  Општина Демир Капија доби финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање за реализација на проектот „Надградба на дел од канализациона мрежа и колекторски систем за одведување на отпадни води до локација на ПСОВ 1 за град Демир Капија – колектор 1А и 1Б, соопшти Петров. 

Тој нагласи дека подобрувањето на локалната инфраструктура за отпадни води е од исклучителна важност за Општина Демир Капија. Градоначалникот појасни дека со проширувањето на канализационата мрежа со колекторски систем ќе се реши голем дел од главниот градски проблем, со испуштањето на нетретирани отпадни води, загадувањето на почвата и подземните води, како и мешањето на атмосферските води со канализационата вода на некои улици, а дополнително ќе се обезбедат нормални и квалитетни услови за живот.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 6.815.111,00 денари. 
Од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање се финансираат вкупно 6.133.600,00 денари, додека останатите 681.511,00 денари ќе бидат кофинансирани од буџетот на Општина Демир Капија, информираше Петров. Предвидено е градежните работи да започнат на 15 јули, а  ќе траат околу седум месеци до целосната реализација на проектот.

- Продолжуваме заедно да ја подобруваме и усовршуваме состојбата на нашата Демир Капија, нагласи градоначалникот на Демир Капија.свд/бт/


Фото/ Фејсбук на градоначалникот Лазар Петров 

Остани поврзан