• понеделник, 23 декември 2024

Демири: Ако треба, ќе се донесат законски измени за казнување лица кои поттикнуваат кампањи против вакцинација

Демири: Ако треба, ќе се донесат законски измени за казнување лица кои поттикнуваат кампањи против вакцинација

Скопје, 25 март 2024 (МИА) - Министерот за здравство Илир Демири денеска јавно се обврза дека ќе преземе мерки за да се утврди како е основано Здружението на антиваксери и по кој законски принцип функционира. Секоја изјава во медиумите, рече, треба да се проследи и да се види точно кој стои зад антиваксерските кампањи.

Како што најави, ако е потребно, ќе се донесат законски измени за казнување на лицата кои ќе поттикнуваат кампањи против вакцинација.

-Не знам каква е можноста законски да се атакираат тие, но ако има потреба, ќе влијаеме и во промена или додавање законски нормативи со кои ќе бидат казнети сите луѓе кои поттикнуваат некаква кампања против вакцинација, истакна Демири, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Декларацијата за промоција и поддршка на вакцинацијата во Лекраската комора.

Тој и претставниците на трите лекарски комори, Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката, уште еднаш порачаа дека вакцините се безбедни и се една од најголемите придобивки за човештвото.

Декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата потпишаа денеска трите медицински комори, Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката, Министерството за здравство, медицинските факултети

Оценето беше и дека социјалните мрежи се „сива зона“ во која неконтролирано се шират дезинформации против вакцините и вакцинирањето.

-Фејсбукот е се „сива зона“ за објави кои не може да се контролираат. Тоа е сериозен проблем на ниво на сите земји во Европа. Но, секоја пријава е нешто што треба да проследиме до нашите органи и во системот на контрола на Лекарската комора. Тоа е она прво што излезе пред 13 години со еден фејк труд дека предизвикуваат аутизам, истакна претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева - Старделова.

Според неа, сите недоволно информирани пациенти, се одговорност на лекарите.

-Ние сме тие што треба да ги информираме родителите дека вакцините се безбедни, подвлече Гривчева - Старделова.

Во Лекарската комора, додаде, не се пријавени доктори „антиваксери“.

- Јас имам фотографии од принт скринови од фејсбук статуси. Се обратив, знае и професор Петличковски, до Комисијата за заразни болести, заедно некако да направиме механизам, да се преземе одговорноста, да ги поттикнеме механизмите на Комората. Во однос на тоа колку доктори се „настроени“ против вакцинација, имам прочитано од една колешка, објави на фејсбук, имам слушнато и за уште една. Не ја знам точно, немам фејсбук мој, не ги проверувам, може само ако некој испрати нешто па тогаш да видам и пак ќе кажам, фејсбук е „сива зона“. Меѓутоа, мора да се обидеме да најдеме начин да ги мотивираме пациентите да пријават ако некој лекар им каже дека вакцинирањето не е добро, рече Гривчева - Старделова.

На прес-конфернцијата беше посочен примерот со Кичево, каде лекарите ги пријавуваат родителите кои не сакаат да ги донесат децата на вакцинција  до Инспекторатот во Охрид.

Во овој контекст, министерот рече дека Министерството за здравство потпиша наредба со која го задолжи Државниот санитарен инспекторот да спроведува засилени контроли во сите центри, не само на територијата на град Скопје. мч/лв/

фото: МИА
 
 
 
 

 

 

Остани поврзан