Делегација од МОН на 24. состанок на заедничкиот комитет на CEEPUS
- Делегација на Министерството за образование и наука, предводена од државниот секретар Елена Ивановска, присуствувала на 24-от состанок на заедничкиот комитет на Централноевропската програма за размена во областа на универзитетските студии (CEEPUS), кој се одржа во Будимпешта во организација на Министерството за култура и иновации на Унгарија и Централната CEEPUS канцеларија во Виена.
Скопје, 16 мај 2025 (МИА) - Делегација на Министерството за образование и наука, предводена од државниот секретар Елена Ивановска, присуствувала на 24-от состанок на заедничкиот комитет на Централноевропската програма за размена во областа на универзитетските студии (CEEPUS), кој се одржа во Будимпешта во организација на Министерството за култура и иновации на Унгарија и Централната CEEPUS канцеларија во Виена.
МОН информира дека на состанокот се дискутирало за досегашната ефикасност и перспективите на програмата, можностите за проширување на квотите за мобилност на сегашните земји потписнички, како и за проширување на програмата со нови земји учеснички.
Ивановска во своето обраќање истакнала дека за Македонија оваа програма за размена на знаења и искуства е исклучително важна, „особено во тековниот реформски период кога националното образование забрзано се адаптира на глобалните образовни трендови“.

-Постојано расте бројот на високообразовни установи од Македонија кои активно учествуваат во програмата и задоволство ми е што во моментов сме координатори на четири академски мрежи. Ја поддржуваме иницијативата за вклучување на нови земји, а воедно сакам да известам дека годинава ја зголемивме квотата за мобилност и доделивме 150 стипендии за престои во странство, истакнала Ивановска.
Како потписник на договорот со Албанија, Австрија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Полска, Молдавија, Романија, Србија, Словачка, Словенија и Косово за промовирање на соработката во областа на високото образование во рамките на Централноевропската програма за размена во областа на универзитетските студии (CEEPUSIII- Central European Exchange Program for University Studies), државава им овозможува на високообразовните институции да партиципираат како партнери во вкупно 127 мрежи од различни области.
-Во рамки на овие мрежи студентите од прв, втор и трет циклус и професорите имаат можност да аплицираат за стипендии за студиски престои надвор од државата, а конкурсот за академската 2025/2026 година е во тек и може да се погледне тука, соопшти Министерството за образование и наука. хс/лв/
Фото: Министерство за образование и наука