• понеделник, 23 декември 2024

Делегацијата на ЕУ не ја коментира лидерската, во врска со уставните измени вели дека тоа јасно стои во заклучоците на ЕУ од јули 2022

Делегацијата на ЕУ не ја коментира лидерската, во врска со уставните измени вели дека тоа јасно стои во заклучоците на ЕУ од јули 2022

Скопје, 12 јуни 2023 (МИА) - Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, во врска со исходот од лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вели дека не коментира внатрешни дискусии, додека пак, за уставните измени, оттаму наведуваат дека се јасни заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година.

-Не коментираме внатрешни дискусии. Заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 се јасни. Со цел да се заврши оваа фаза на отворање на пристапните преговори, Советот, исто така, одлучи, како што е наведено во заклучоците на Советот од јули 2022 година, да свика уште една меѓувладина конференција со цел да се претстави рамката за преговори и состојбата на подготвителните работи од страна на Европската комисија и е подготвена да ја одржи без дополнителни одложувања, ниту дополнителна политичка одлука, штом Северна Македонија ќе ја спроведе својата заложба да ги заврши горенаведените уставни измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури, се вели во ставот на Делегацијата на ЕУ.

Мицкоски по состанокот со Ковачевски, меѓудругото, излезе со барање уставните измени да се усвојат со одложено дејство, односно откако земјава ќе стане членка на ЕУ. 

Премиерот Ковачевски денеска кажа дека сега треба да се оди кон примена на договореното и јавно кажаното на прес-конференцијата по лидерската средба за уставните измени, а не кон толкување, како што рече, „што некој сакал да каже бидејќи тоа што беше разговарано беше и кажано“.  

Одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Богданци, Ковачевски повтори дека „ВМРО-ДПМНЕ прифатиле уставни измени“ и оцени дека „демантирањето или излегувањето од она што било договорено и кажано на прес-конференцијата по лидерската средба би било големо разочарување за граѓаните и за меѓународната заедница“. нд/ац/

 

 

Остани поврзан