Дебата на НКЕУ-МК за европски искуства во јакнење на административни капацитети за планирање на јавните расходи
- Од НКЕУ-МК очекуваат дискусијата да придонесе за воспоставување транспарентен и одржлив систем на јавната потрошувачка што ќе го намали ризикот од корупција.
Скопје, 17 јули 2025 (МИА) - Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија денеска ќе биде домаќин на 6. сесија на Работната група 6 – Антикорупција (Поглавје 5 – јавни набавки, Поглавје 18 – статистика и Поглавје 32 – финансиска контрола) во организација на Европското движење, на тема „Административни капацитети за унапредување на вредноста на потрошени јавни средства: Што можеме да научиме од искуствата на ЕУ? “.
Како што најавија од Европско движење, на настанот ќе се обратат министерот за јавна администрација, Горан Минчев и словачкиот амбасадор во заминување, Хенрик Маркуш, а на форумот ќе учествуваат Адам Марек од словачкото Министерство за финансии, Сања Маџаревиќ-Шујстер од Светска банка, претседателот на Финансискиот совет, Глигор Бишев, поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска, како и од други релевантни институции, експерти, граѓански организации и претставници на академската заедница.
Дијалогот ќе се фокусира на суштински прашања како да се зајакнат административните капацитети за систематско планирање на јавните расходи и како да се подобри реализацијата на јавните инвестиции, стои во соопштението.
Од НКЕУ-МК очекуваат дискусијата да придонесе за воспоставување транспарентен и одржлив систем на јавната потрошувачка што ќе го намали ризикот од корупција. нд/вг/
Фото: МИА архива