Дебата: Младите од ИТ секторот не треба да се „продаваат“ за 800 евра месечно, туку за 5 000 евра
- -Деца собрани во помалку од 3 000 компании прават приходи од 1,5 милијарди без никакви владини субвенции, не извезуваат, не транспортираат, не трошат минерални ресурси, само седат и типкаат на тастатурите, рече Пешев.
Скопје, 14 мај 2025 (МИА) – Македонија денес не е локација за аутсорсирање, а оние неколку илјади млади луѓе во ИТ секторот што имаат по 25 години не треба да се „продаваат“ за 800 евра месечно, туку за 5 000 евра, беше речено денеска во Стопанската комора на Македонија каде домашни и странски експерти дебатираа на темата „Во време на турбуленции во глобалната трговија и во финансиските текови: Патот напред за македонската економија“.
Учесниците на дебатата порачаа дека главната идеја на странските директни инвестиции во земјава не треба да биде креирање работни места, туку создавање вредност. Наместо кон странски инвестиции кои ќе вработуваат илјадници луѓе, Македонија, истакнаа, треба да се насочи кон инвеститори кои ќе понудат поголема додадена вредност.
Според експертите, дигитализацијата и вештачката интелигенција имаат сериозен ефект врз економиите. Светот е соочен со геополитички тензии, нарушувања во енергетиката, прекинати синџири на снабдување, флуктуации на финансиските текови и растечка неизвесност. Предизвик се и технолошките нарушувања кои ги носи дигитализацијата. Ќе има победници и губитници, но добро е, како што беше нагласено, тоа што и релативно мали земји како Македонија можат да си го најдат местото во новиот глобален поредок.
-Треба да бидеме реални, речиси е невозможно да се привлече компанија со 2 000 вработени, мора да размислуваме за инвестиции до 500 вработени. Не е работата да се „изедат“ инвеститорите едни со други или новите со постојните, туку главната идеја на СДИ не треба да биде создавање работни места, туку создавање вредност. За тоа да се случи потребно е да им се помогне на постојните компании со процесот на „афтеркеар“, а знаењето на луѓето кои работат во инситуциите треба биде во сооднос со потребите на индустријата, рече Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори, VP Government Affairs - KOSTAL Group.
Според него, субвенциите може да дадат резултати на краток рок, но не и на долг рок. Треба да се одберат неколку сектори каде што имаме конкурентна предност и да знаеме добро, потенцира Мизо, кои се врвните компании во тие сектори. Треба да одбереме неколку
-Целиот свет драматично се промени, зборуваме за евтина работна сила, за привлекување инвестиции... Гледаме дека во последните 18 месеци компании во Србија, Бугарија, Романија, кои се трудоинтензивни и имаат 2-3 илјади вработени си заминуваат, бидејќи не може да најдат вработени и не се доволно конкурентни. Мора да бидеме свесни за тоа. Она што го имаме во нашата земја, тоа Мароко, Тунис, Египет го имаат повеќе, не само поевтина работна сила туку имаат и бројка, повеќе млади луѓе на годишно ниво отколку кај нас за 20 години, дополни Мизо.
Како што рече Јирген Капенман од Policultancy, на „Гугл“, „Мајрософт“... им се допаѓа Западен Балкан зашто квалитетот на луѓето е одличен, но сепак им е и прескап.
-Вистинската конкурентност е во Нигерија која има стотици милиони луѓе кои нудат ист квалитет на услуги, но за десет отсто од цената во регионот. Тоа е реперот, истакна Капенман, додавајќи дека Западен Балкан се соочува со силна конкуренција поради што му се потребни повеќе капитално интензивни проекти, роботизација, автоматизација...
Главниот економист во Стопанската комора, Зоран Јовановски, акцентот го стави на неодржливоста на трговскиот дефицит на долг рок, укажувајќи дека во последните 15-тина годиони дефицитот во трговската размена со светот изнесува 21 отсто од домашниот бруто-производ. Тој нагласи дека на прашањето како да се зголеми приливот на девизи и од кои индуустрии одговор може да даде науката.
Според Јовановски, фокусот треба да се стави на нето извозните компании, како и да се привлекуваат висококвалитетни странски директни инвестиции.
Претседателот на Собранието на Комората и сопственик на „Ултра“, Антони Пешев се осврна на ИТ секторот. Оцени дека се потребни брзи чекори, во спротивно, како што кажа „ќе не поклопи цунами“, мислејќи на промените кои ги носи вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз економските текови.
-Деца собрани во помалку од 3 000 компании прават приходи од 1,5 милијарди без никакви владини субвенции, не извезуваат, не транспортираат, не трошат минерални ресурси, само седат и типкаат на тастатурите, рече Пешев, зборувајќи за влијанието на ИТ секторот врз домашаната економија. Притоа додаде дека овие 1,5 милијарди се под закана и дека тие ќе треба да се пресоздадат од нула.
-Потребна е акција, треба да инвестираме во вештачка интелигенција, никој не е свесен колкаво цунами не очекува, а ќе има огромен ефект врз нас, како општествен, така и врз работната сила и политиката, рече Пешев.
Тој предупреди и на проблемот со заминување на младите од земјава и нагласи дека мора да сме многу внимателни. Според Пешев, ваквите трендови може да го уништат единствениот сектор кој лани генерираше 1,5 милијарди приходи, а е единствената индустрија со која успеавме да се напреваруваме надвор.
Зоран Ставрески, поранешен вицепремиер и министер за финансии рече дека 12-13 земји од Европа успеале помеѓу 1990-та и 2025 година да се придвижат од земји со среден приход до земји со висок приоход. Десет од тие земји се во регионот на Средна Европа, а другите две се Грција и Малта.
-Она што ние се обидуваме да дознаеме е кога Македонија ќе биде класифицирана во групата земји со висок приход. Со оглед дека бев 9-10 години во владата и министер за финансии со најдолг стаж, можеби беше и предолго, седум години, мислам дека е правично да се каже дека клишето за водењето на економијата колку што е наука толку е и уметност. кога станува збор за наука, зборуваме за модел на раст. Ако не сте паметни, ќе создадете тим и ќе направите модел за раст, а Македонија како мала земја без значителни ресурси очигледно треба да остане отворена и треба да извезува за да преживее, рече Ставрески.
Тој се осврна на важноста на претпријатијата, капиталот и продуктивноста како фактори на растот, но и на проблемите во образованието, признавајќи дека политиката на отворање универзитетти во речиси секое место не ги дала посакуваните резултати, пред се во поглед на креирање квалитетни кадри кои ќе придонесат за економскиот раст на земјата.
Според учесниците на дебатата што ја организираше Советот на странски инвеститори, покрај квалитетот и дисперзирањето на странските инвестиции, треба да се обрне внимание и на грижата за задржување на постојните инвеститори кои и понатаму ќе вложуваат во проширување на капацитетитте, но и на важноста домашните компании да се вклучат во унапредување на производството и во синџите на снабдување, што е една од слабостите во изминатиот период. мч/са/