• петок, 22 ноември 2024

Дебата за учеството и пристапноста на лицата со попреченост во политиката

Дебата за учеството и пристапноста на лицата со попреченост во политиката

Скопје, 22 март 2024 (МИА) - Организацијата „Полио Плус - Движење против хендикеп“ од Скопје денеска ја одржа финалната информативна сесија во рамките на проектот под наслов „Disability Alliances for Development of Inclusive Reforms in the Region - DADIRR (Сојузи на лицата со попреченост за развој на инклузивните реформи во регионот - ДАДИРР), во врска со учеството на лицата со попреченост во јавниот и политичкиот живот. Проектот е поддржан од програмата „Смарт Балкан“ (Smart Balkan), којашто финасиски е поддржана од Министерството за надворешни работи на Норвешка.

Темата на оваа информативна сесија е презентација и дискусија за резултатите од испитувањето во однос на македонското законодавство. Покрај лица со и без попреченост, биле анализирани одговори и на четири политички партии: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДОМ и БЕСА.

Стручната соработничка на „Полио Плус“ и консултантка, Наташа Амдију истакна дека Конвенцијата за правата на лицата со попреченост е усвоена од државата и како таква, нејзиното имплементирање мора да биде обврска и во контекст на усогласувањето со регулативите на Европската Унија.

Оваа Конвенција, меѓу другото, ги задолжува институциите да обезбедат пристап на лицата со попреченост кон целокупниот изборен процес. Тука спаѓа и информирањето за правата воопшто, па и за правото на глас. Анкетата покажа дека дури 39 отсто од лицата со попреченост не се запознаени со Конвенцијата, наспроти четирите отсто кои одговориле дека одлично ја познаваат.

Тоа би значело и конкретна едукација за специфичностите при процесот на гласање и потребите на гласачот околу тој процес.

Во прашањето за достапноста спаѓа и физичката пристапност, на пр., кон избирачките места, или можноста избирачот да побара помош од асистент при остварување на своето право на глас. Во таа смисла, неопходни се соодветни пристапни рампи, прагови, врати, лифтови и сл.

- Тоа е нешто што државата мора да им го обезбеди на лицата со попреченост, истакна Амдију.

Натаму, прашањето за достапноста ги опфаќа и можноста и правото на личноста со попреченост да биде избирана, т.е. според своите способности да гради политичка кариера и да не биде институционално дискриминирана во таа смисла.

Меѓу заклучоците е тоа дека изборното законодавство не обезбедува систематизиран и заокружен приод кон остварувањето на правото на учество на лицата со попреченост во политичкиот и јавниот живот, на еднаква основа со другите. Се истакнува и оти постојниот начин на регистрација и запишување на избирачите е непристапен и недостапен во целост за лицата со попреченост, што, исто така, е голем недостаток во активното вклучување на лицата со попреченост во политичкиот живот.

Заклучоците од анализата истакнуваат дека не постои законска обврска за политичките партии да им овозможат на лицата со попреченост да имаат пристап до информациите за политичките дебати, кампањите и настаните коишто спаѓаат во тој домен на дејствување. Натаму, еден од заклучоците е тоа дека законодавството не прави разграничување меѓу болните и немоќни лица со лицата со попреченост. Тоа треба да се поправи бидејќи е спротивно на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.  си/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан