• понеделник, 23 декември 2024

Дебата во организација на ОДАС: Волонтерството да биде вреднувано како работно искуство при државно вработување

Дебата во организација на ОДАС: Волонтерството да биде вреднувано како работно искуство при државно вработување

Скопје,15 јули 2024 (МИА) - Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите во саботата организираше дебата за законската регулатива на волонтерството, соопшти денеска ОДАС.

На дебатата, како што се вели во соопштението, присуствувале млади волонтери и активисти, претставници на граѓански организации, млади вработени во државните институции, како и претеничката Марија Петрушевска. Тие дискутирале за Законот за волонтерство и изготвиле препораки, меѓу кои е и вреднување на волонтерството како работно искуство при државно вработување.

Како што е наведено во соопштението другите препораки се: да се регулира статусот на волонтерите, системска и институционална поддршка на волонтерството и волонтерите, измени на Законот за волонтерство, да се зголемат капацитетите на институциите за поддршка на волонтерството и волонтерите.

Дискусијата е дел од проектот на ОДАС поддржан од Фондацијата за демократија Вестминстер и Англиската амбасада, во рамките на кој е изработено и истражување на јавно мислење на младите за законската регулација на волонтерството.

Според резултатите од анкетата спроведена на 200 млади од 15-29 години 67 отсто од нив сметаат дека нема доволно достапни ресурси за волонтирањето. Само 34 млади од вкупно 200 односно 17 проценти,се целосно запознаени со законската регулатива околу волонтерството, 32 проценти се делумно запознаени, а 27 проценти се малку запознаени, додека 25 проценти воопшто не се запознаени со законската регулатива за волонтерството. Можност за вработување волонтерството им отворило на само 39 одсто од испитаните млади, покажуваат податоците во истражувањето, соопшти ОДАС. 

-Следни чекори ќе бидат состаноци со граѓански организации и релевантни институции на кои главен фокус ќе биде добивање на дополнителни информации и препораки, како и запознавање на надлежните со овој проблем, соопшти ОДАС и додава дека дополнително следи и изготвување на документ со препораките на младите и целосната анализа на јавното мислење на младите за законската регулација на волонтерството. Документот, се вели во соопштението, ќе послужи како основа за понатамошна измена и подобрување на Законот за волонтерство. аан/ац/

Фото: ОДАС

Остани поврзан