• петок, 22 ноември 2024

Двојно зголемување на социјалните стипендии, ќе се стипендираат и студиите од втор и трет циклус

Двојно зголемување на социјалните стипендии, ќе се стипендираат и студиите од втор и трет циклус
Скопје, 21 јули 2021 (МИА) - Социјалните стипендии за студентите се зголемуваат за 100 прпоценти односно од 3.000 на 6.050. Ученичките стипендии, пак, кои се движеа од 2.000 до 2.900, сега се усогласени на 3.500 денари. За студентите од природните науки - хемија, физика и математика, стипендиите ќе бидат18.000 денари поради тоа што се дефицитарни, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска, која одлуката на Владата за зголемување на стипендиите денеска ја соопшти на средба со ученици и студенти. Таа информираше и дека по десет години, повторно ќе се стипендираат студенти запишани на магистерски и на докторски студии на факултетите во државава. - Десет месеци интензивно работиме преку „Млади МОН“ да постигнеме политики кои ќе бидат во интерес на подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард. На тој начин вложуваме во младите, а за секоја држава најисплатлива инвестиција е онаа во децата и во младите затоа што тие ја креираат понатаму нашата иднина на која сите треба да се надеваме да биде подбра, изјави Царовска. По една деценија повторно ќе се стипендираат и студенти запишани на втор и трет циклус студии во државата. Во изминатиот период овие стипендии беа наменети за студии надвор од земјава, што, смета Царовска, постојано правеше одлив на мозоци на нашите млади. Обезбедено е факултетите да добијат 50 стипендии за магистерските студии од 9.000 денари и 15 стипендии за докторските студии во износ од 18.000 денари. - Се соочивме со тоа дека кога факултетите распишуваа конкурс за асистенти, а МОН и Министетството за финансии дадоа согласности, немаше пријавени и луѓе кои ги исполнуваат условите затоа што стипендирањето за втор и трет циклус беше за надвор. Со стипендиите очекуваме дека добрите студенти кои сакаат да продолжат да студираат во втор и трет цклус во државата ќе може да ги искористат овие финансиски средства. На овој начин вложуваме во високото образование и во науката, додаде министерката за образование и наука. Таа посочи дека условите за сите овие стипендии, како и оние за учениците во дуалните паралелки и за тригодишните во стручните училишта, се наведени во конкурсите, а обрасците може да се најдат на веб-страниците на МОН (mon.gov.mk) и на e-uslugi.gov.mk Одлуката на МОН и Владата ја поздравија и студентите и учениците кои присуствуваа на средбата со Царовска. Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, рече дека се реализираат нивните заложби за воведување нови и за дуплирање на износот на социјалните стипендии. - Овие барања произлегуваат од декларацијата „Млади, образование и иднина“ која ја потпишавме на 12 јули 2020 година, напишана од студентските собранија и потпишана од шест политички партии. УСС УКИМ континуирано инсистираше на реализација на декларативните барања. Со поднесување до телото „Млади МОН“ за дуплирање на социјалниата стипендија,  воведување стипендии за втор и трет циклус студии и за дефицитарните области, денеска конечно можеме да кажеме дека оваа идеја е реализација, истакна Цветковска. Агрон Демири, претседател на УСС на Универзитетот на ЈИЕ, истакна дека во изминатите месеци интензивно работеле на мерки за подобрување на стандардот на студентите и дека резултат на тоа е оваа одлука. - Државата на овој начин го стимулира нашиот труд и постигнувањата на подобри резултати, рече Демири, заблагодарувајќи се на МОН и на останатите студентски собранија за успешната соработка. Одлуката на МОН да ги зголеми и стипендиите за средношколците ја поздрави Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци. - Оваа одлука е добра и е производ на долгомесечната соработка и консултација на МОН и Сојузот на средношколците и претставничките тела на студентите. Останува во иднина, како и досега, Сојузот будно да го следи спроведувањето и исплаќањето на стипендиите, рече Павиќевиќ. хс/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан