• петок, 05 декември 2025

Двојазичен поетски избор на Санде Стојчевски во Србија

Двојазичен поетски избор на Санде Стојчевски во Србија

Скопје, 18 јуни 2025 (МИА) - Книгоиздателство „Арка“ од Смедерево објави двојазичен поетски избор на македонски и на српски јазик - „Нѐ чека пат“ – „Чека нас пут“ од современиот македонски поет и литературен критичар Санде Стојчевски. Препевот на песните е на нашиот и српски истакнат поет, критичар и есеист академик Ристо Василевски, кој е и уредник на изданието заедно со поетесата Љиљана Стејиќ.

Како што информира издавачот, станува збор за поширок и пообемен поетски избор од лирската продукција на Санде Стојчевски од неговите последни стихозбирки, насловен според најновата негова книга песни објавена минатата година.

Српскиот критичар, теоретичар и поет Душан Стојковиќ укажува дека песните на Стојчевски се „патување кон срцето на битието. Неговиот избор е книга, апсолутна, според следите малармеовска. Авангардна однатре. Таа што го отсликува мрешкањето на суштината. На нејзиното треперење.“ Во поговорот Стојковиќ нагласува дека во поезијата на Стојчевски е присутна „звучна геометрија што произлегува од разбирањето на заумното, исто како и од озвучувањето на умственото. На дело е мисла што се озвучува. Но, и звук што мисли.“

Досега на српски јазик се објавени три поетски дела од Санде Стојчевски. Пред повеќе години, во заедничко издание на „Просвета“ од Белград и „Арка“ од Смедерево беше објавен поетски избор под наслов „Видело“, а потоа, повторно во издание на „Арка“, се појави, во препев на академик Ристо Василевски, поемата на Стојчевски „Заум“, за која кај нас авторот ја доби наградата „Григор Прличев“, а за српското издание беше прогласен за добитник на престижната награда „Арка“. Оваа награда има особена тежина бидејќи во изминатите години нејзини добитници од Македонија се Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Раде Силјан и уште неколкумина значајни македонски писатели.

Санде Стојчевски (с. Студена Бара, Кумановско, 16.9.1948, Северна Македонија) е поет, литературен критичар, есеист, антологичар, полемичар и преведувач. Автор е на дваесет поетски збирки, како и на деветнаесет книги со поетички текстови, есеи, критики и полемики. Објавени се и неколку избори од неговата поезија и есеистика во Македонија, избрани дела во шест тома, како и петнаесет поетски избори на странски јазици. Составил девет антологии на македонската поезија и критика. Добитник е на сите позначајни домашни награди за поезија и за критика во земјава и на неколку меѓународни награди за поезија. Носител е и на државната награда за животно дело „Св. Климент Охридски“ и на наградата „Книжевен жезол“ на ДПМ. мд/вј/

Фото: Санде Стојчевски 

 

Остани поврзан