• сабота, 13 јули 2024

Два руски воени брода пристигнаа во Кина на заеднички поморски вежби

Два руски воени брода пристигнаа во Кина на заеднички поморски вежби

Москва, 13 јули 2024 (МИА) - Два руски воени брода пристигнаа денеска во јужното кинеско пристаниште Џангџијанг за да учествуваат во заеднички поморски вежби, соопшти руското Министерство за одбрана.

- Дел од бродовите на Пацифичката флота ќе учествува во заедничките поморски вежби „Поморска интеракција 2024“, објави Министерството на Телеграм заедно со видео од церемониите за пречек на руските корвети „Громки“ и „Резки“ во Џангџијанг.

Вежбите, кои ќе се одржат од понеделник до среда, предвидуваат заеднички маневри за противвоздушна одбрана, борба против подморници со учество на специјализирани кинески авиони. 

Кина и Русија се зближија од почетокот на руската офанзива во Украина во 2022 година. Двете земи тврдат дека имаат „безгранично пријателство“, зацементирано со волјата да се намали влијанието на САД и на Западот воопшто врз меѓународните односи.

Покрај оперативната димензија, поморските вежби имаат и димензија на стратешко позиционирање, како што се вежбите што оваа недела ги спроведе кинеската армија во Белорусија, на границата на Полска и НАТО, во време кога се одржуваше Самитот на Алијансата во Вашингтон и кога НАТО го заострува својот став кон Пекинг.

Русија и Кина редовно го зголемуваат бројот и сложеноста на нивните заеднички воени вежби, но нивното ниво на интероперабилност е значително пониско отколку во НАТО, велат истражувачите од Институтот за безбедносни студии на Европската унија во извештајот објавен на почетокот на јули.са/

Фото: ЕПА

Остани поврзан