Дваесет и осум предвремено родени бебиња од болница во Газа префрлени во Египет
- Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека амбулантни возила утринава тргнале од болницата Емирати во Газа со 28 предвремено родени доенчиња до преминот Рафа. Снимките на телевизијата „Ал-Кахера Њуз“ покажаа дека секое бебе е префрлено во инкубатор, а потоа во египетско амбулантно возило.
Каиро, 20 ноември 2023 (МИА) - Дваесет и осум предвремено родени бебиња се префрлени во Египет од Појасот Газа за да бидат пренесени во болниците во Каиро и северен Синај, јави телевизијата „Ал-Кахера Њуз“.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека амбулантни возила утринава тргнале од болницата Емирати во Газа со 28 предвремено родени доенчиња до преминот Рафа.
Снимките на телевизијата „Ал-Кахера Њуз“ покажаа дека секое бебе е префрлено во инкубатор, а потоа во египетско амбулантно возило.
ДПА јавува дека целиот процес на трансфер на бебињата го надгледуваше палестинскиот министер за здравство, Калед Абдел-Гафар.
Вчера 31 недоносено новороденче од болницата „Ал Шифа“ во северниот дел на Појасот Газа, беа однесени во болницата „Емирати“ во јужниот дел на енклавата, но, за жал, две бебиња починаа пред евакуацијата.
Според Светската здравствена организација (СЗО), лекарите во Газа изјавија дека сите бебиња се борат со сериозни инфекции поради недостаток на медицински материјали, а неколку се во критична состојба.
Ниту едно од доенчињата не беше придружувано од роднини, бидејќи палестинското Министерство за здравство не можеше да најде блиски членови на нивните семејства, додаде СЗО. сд/
фото:Анадолија