• сабота, 23 ноември 2024

Дачиќ: Ситуацијата на Косово е последица на постојаната ескалација што ја прави Курти

Дачиќ: Ситуацијата на Косово е последица на постојаната ескалација што ја прави Курти

Белград, 29 мај 2023 (МИА) - Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ оцени дека ситуацијата на Косово е „последица на постојаната ескалација што ја прави косовскиот премиер Албин Курти“, како и на „деескалацијата на која работи дел од меѓународната заедница“.

„Резултатот од тоа е подмолен план, а тоа е дека на Курти му се дозволува да направи нешто, меѓународната заедница како нешто реагира... Сите сега реагираат против Приштина поради тоа што го направија, вклучително и Кфор. Улогата на Кфор не е да се буни, туку да го оневозможи тој едностран чин“, изјави Дачиќ за РТС.

Според него, Кфор денеска ги штити новоизбраните градоначалници од „сопствениците“ на општинските згради - Србите кои се вработени таму.

Коментирајќи ги предупредувањата и осудите на меѓународната заедница за тој едностран чин на властите во Приштина, Дачиќ рече дека „од предупредувања не се живее на терен“.

„Ако Америка не може да ја натера Приштина да го почитува тоа, тогаш навистина не знам каква доверба можеме да имаме во меѓународната заедница и во покровителите на тој опасен воен авантуризам во Приштина“, рече Дачиќ.

Тој изјави дека силите на српската војска се на готовност и дека Србија ќе ги заштити Србите на Косово доколку мора.

„Сигурно нема да дозволиме да паднат српски жртви поради неподготвеноста на меѓународната заедница или поради воениот авантуризам на Курти“, рече Дачиќ.

Во петокот, по обидите на граѓаните од северот на Косово да ја спречат полицијата да влезе во општинските простории во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, дојде до судири, во кои полицијата употреби солзавец, чад и шок бомби.

Неколку Срби беа повредени, а косовската полиција влезе во општинските згради и ги внесе албанските градоначалници, кои победија на неодамна одржаните избори, на кои излегоа вкупно 3,4 отсто од гласачите.

Изборите, кои беа бојкотирани од српските политички претставници на Косово, беа организирани од Приштина на крајот на април, откако Србите ги напуштија косовските институции во ноември минатата година. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан