• сабота, 23 ноември 2024

Дачиќ: Резолуцијата за Сребреница не е правно обврзувачка, ќе се применува согласно гласањето

Дачиќ: Резолуцијата за Сребреница не е правно обврзувачка, ќе се применува согласно гласањето

Белград, 26 мај 2024 (МИА) - Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, по повод усвоената резолуција за Сребреница во Генералното собрание на ОН, изјави дека ќе се применува во согласност со тоа која земја како гласала, бидејќи не е усвоена со консензус, јави дописникот на МИА од Белград.

- Оваа резолуција не е правно обврзувачка, единствената придобивка за оние што ја предложија е што 11 јули ќе биде на агендата и обележана од ОН, изјави Дачиќ.

Тој рече дека никој не ја информирал Србија за тоа што се подготвува и дека е сосема нормално да се разговара за тоа една година, да се бара некакво решение или формулација што би можело да биде прифатливо.

- Ние бевме свесни дека ова ќе биде тешка борба, односно дека тие што ја предлагаат резолуцијата сигурно нема да дозволат да загубат од Србија и нема ни да влегуваат во такво нешто доколку не се сигурни на доволен број гласови, додаде Дачиќ.

Коментирајќи ги резултатите од гласањето и фактот дека предлагачите добија помалку од очекуваните две третини од гласовите, Дачиќ рече дека Србија дури и не целела на оние кои се против да надвладеат над оние кои се за, бидејќи таков е гласачкиот систем, но дека имале за цел бројот на земји кои се против и воздржани да биде поголем од бројот на оние кои се за.

Дачиќ рече дека додека бил министер за надворешни работи разговарал со 73 министри и дека некои земји гласале поинаку од она што го најавиле, наведувајќи ја Гвинеја-Бисао која гласала за резолуцијата.

Кога станува збор за Украина, тој изјави дека мисли оти Германија отворено и се заканила на Украина дека ќе ја прекине воената помош, за да гласа „за“.

- Имате ситуација кога Украина и Молдавија се единствените две земји од поранешниот Советски Сојуз кои гласаа за оваа резолуција. Сите други беа воздржани, а Русија и Белорусија беа против, рече Дачиќ.

Тој оцени дека предлагачите и оние кои гласале за резолуцијата се разочарани од тоа што имало повеќе воздржани и оние кои биле против, додавајќи дека ја потцениле српската дипломатија и силата на Србија.

Посочи дека од земјите што гласале за - 40 биле од Европа и од Запад, а мал дел надвор од Европа.

Претставниците на 84 земји гласаа за резолуцијата, со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и која го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници, вклучително и сите земји од Квинта, голем број членки на ЕУ и сите поранешни југословенски републики освен Србија.

Против резолуцијата гласаа 19 земји - Србија, Унгарија, Кина, Русија, Белорусија, Куба, Северна Кореја, Сирија, ДР Конго, Никарагва, Доминика, Еритреја, Есватини, Гренада, Мали, Науру, Сао Томе и Принципе, Антигва и Барбуда, Комори.

Воздржани беа 68 земји, меѓу кои Грција, Словачка, Кипар, Ерменија, Грузија, Индија, Бразил, Аргентина, Мексико, ОАЕ, Алжир и Ангола. Меѓу земјите кои не гласаа се Израел, Азербејџан, Венецуела и други. об/паг/

Остани поврзан