• недела, 22 декември 2024

Дачиќ: Независноста на Косово доведе до поделба меѓу земјите

Дачиќ: Независноста на Косово доведе до поделба меѓу земјите

 Белград, 27 април 2023 (МИА)- Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБ ОН) во Њујорк изјави дека Србија не може и никогаш нема да ја признае независноста на Косово и нема да прифати Косово да стане членка на светската организација, јави дописникот на МИА од Белград.

За време на разгледувањето на новиот шестмесечен извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на УНМИК, Дачиќ рече дека денес „сите се свесни за последиците од поддршката на едностраното прогласување независност на Косово во 2008 година“, како и дека „Пандорината кутијата е отворена“.

-Независноста на Косово доведе до сериозни турбуленции во меѓународните односи и поделби меѓу земјите. Во претходните години, 28 земји го повлекоа своето признавање и Косово сега го признаваат 84 од 193 членки на ОН. Нема начин Косово да стане членка на ОН бидејќи едноставно немате мнозинство, рече Дачиќ.

На седницата на која се разгледува извештајот на Гутереш за периодот од 16 септември 2022 до 18 март 2023 година, Дачиќ рече дека е неопходно „целосно да се имплементираат“ сите договори постигнати во бриселскиот дијалог, особено оние за формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО) од 2013 и од 2015 година.

Тој изјави дека договорите што ги постигнаа лидерите на двете страни, постигнати во Брисел на 27 февруари и во Охрид на 18 март, не се за меѓусебно признавање, туку за нормализација на односите.

-Ќе вложиме максимални напори и подготвени сме да ги спроведеме сите принципи од тие договори, но пред тоа мора да се знае дека обврската за формирање на ЗСО мора веднаш да се исполни во спротивно нема да има договор, рече Дачиќ.

Тој го обвини косовскиот премиер Албин Курти дека негова „очигледна цел“ е протерување на Србите од Косово и бришење на српскиот идентитет и оцени дека поради тоа „нема да го исполни договореното“.

Дачиќ, исто така, рече дека извештајот на Гутереш за работата на УНМИК „не претставува основа“ на која членовите на Советот за безбедност на ОН би можеле да создадат слика за реалната ситуација на Косово, наведувајќи дека постои „атмосфера на страв и притисок кон Срби и други неалбанци“.

Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала Шварц, на седницата на Советот за безбедност изјави дека УНМИК стана дестабилизирачки фактор и ја обвини Србија дека е на страната на Русија во војната во Украина и не ги исполнува своите европски обврски.

-Србија, како најблизок сојузник на Русија, е најголемата закана за мирот на Балканот, рече Гервала Шварц и додаде дека без присуството на НАТО и САД, до сега војна веќе ќе имаше.

Таа рече дека се знае оти Косово кога нешто ветува, стои на зборот и дека не отстапило од ниту еден потпишан договор.

-Тоа не е случај со Дачиќ, Вучиќ и компанијата. Нивната политичка генетика ги спречува да го одржат зборот. Ако ветувањата и потписите не се доволни, тоа станува фарса. Ова е нецивилизирано и знак на непочитување кон целата меѓународна заедница, рече Гервала Шварц.

Таа рече дека стратегијата на Србија е да ја спречи интеграцијата на Балканот во ЕУ и дека зад тоа стои руското влијание, но дека интеграцијата на регионот во ЕУ ќе продолжи и без Србија.

-Во Европа има се повеќе гласови од Косово, Холандија и Германија за воведување санкции кон Србија, бидејќи не треба да преговарате со измамници, туку да ги соочите со последиците, рече Гервала Шварц и додаде дека Србија ги запоставила договорите од 2011, 2013 и 2015 година и дека Србија сака да ги опструира сите договори, бидејќи не сака да биде дел од Европа, сака европски милиони, а не европски вредности.

Како што рече таа, Србија се преправа дека има европски аспирации и дека е посветена на обврските кон ЕУ, но додека српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека е партнер на Европа, тој не ги исполнува своите обврски и наместо заедничка политика со ЕУ, има заедничка надворешна политика со Русија и наместо да воведува санкции кон Русија, таа станува центар за руските валкани работи.

-Србија ја поддржува војната и геноцидот против Украина. Нејзиниот глас во ОН не значи ништо, рече Гервала Шварц и нагласи дека Косово никогаш повеќе нема да дозволи Србија да изврши геноцид врз своите граѓани.

об

Остани поврзан