• петок, 22 ноември 2024

Данскиот парламент денеска расправа за забраната за скрнавење на Куранот

Данскиот парламент денеска расправа за забраната за скрнавење на Куранот

Копенхаген, 14 ноември 2023 (МИА) - Данскиот парламент денеска расправа за нацрт-законот за забрана за палење на Куранот, откако неколку јавни сквернавења на муслиманската света книга предизвикаа бес во неколку муслимански земји.

Предлог-законот има за цел да го измени Кривичниот закон и да го криминализира „несоодветниот третман, јавно или со намера актот да биде познат на поширок круг, на книга која има важно религиозно значење за призната верска заедница“, пишува на Интернет-страница на данскиот парламент.

Сторителот на инкриминацијата може да се соочи со затворска казна до две години.

Податоците на данската полиција покажуваат дека меѓу 21 јули и 24 октомври оваа година во земјата се регистрирани 483 палења на книги и знамиња.

Претставен кон крајот на август, нацрт-законот беше изменет откако беше критикуван за ограничување на слободата на изразување и дека има потешкотии во спроведувањето на првата верзија.

„Предлогот беше стеснет со цел конкретно да се фокусира на несоодветниот третман на светите списи со значително религиозно значење“, објасни Министерството за правда во соопштението на крајот на октомври.

Законот првично беше наменет да го покрие сквернавењето на сите објекти од значајно религиозно значење. По првото читање во парламентот денеска, предлог-законот мора да биде проучен од комисија, а потоа да се достави на уште две читања пред гласање. сд/

Остани поврзан