Данокот на капитална добивка предизвикува несогласувања меѓу белгиските владини партнери
- Само една недела по формирањето на новата Влада на Белгија на повидок се појавија првите несогласувања меѓу дел од владините коалициски партнери.
![Данокот на капитална добивка предизвикува несогласувања меѓу белгиските владини партнери](https://mia.mk/images/20250210125031_big_730x400_77.webp )
Брисел, 10 февруари 2024 (МИА) – Само една недела по формирањето на новата Влада на Белгија на повидок се појавија првите несогласувања меѓу дел од владините коалициски партнери.
Повод за тоа е изјавата на лидерот на либералното Реформско движење, Жорж-Луј Буше од саботата дека покрај официјалната владина Програма за работа, постои и рачно напишан „договор со премиерот“, според кој, лицата кои ќе ги задржат своите акции најмалку 10 години ќе бидат ослободени од плаќање данок на капитална добивка.
На ваквата изјава денеска реагираше лидерот на партијата Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), Сами Махди посочувајќи дека МР предлагала таква идеја во текот на преговорите за формирање на Владата, но дека партијата се откажала од неа како една од отстапките што морала да ги направи.
- Имаше многу парчиња хартија што се разменуваа во сите правци за време на преговорите. Многу пишувавме, но на крајот го имаме владиниот Договор и плановите за буџетот, рече Махди во интервју за утринската програма на радиото ВРТ.
Според него, мисија на Владата е да ги доведе работи во ред и да спроведе големи реформи.
- Ваквиот начин не е соодветен. Ако имаме амбиција да работиме подобро од претходните генерации, тогаш мораме од самиот почеток сите да одиме во иста насока. Има многу јасен мал документ. Тоа е владиниот договор, изјави Махди, додавајќи дека не е соодветно да се говори за предложени документи во текот на преговорите. сп/
Фото: Фејсбук