• понеделник, 23 декември 2024

Давидовски на победничкиот подиум во првата трка на Монца

Давидовски на победничкиот подиум во првата трка на Монца
Монца, 26 септември 2020 (МИА) - Виктор Давидовски по едногодишна пауза се врати на трките во ТЦР Европа. Тој денес на легендарната патека „Монца“ го постигна својот досега најголем успех искачувајќи се на победничкиот подиум.
  • Поради дождливото време на тренинзите, македонскиот пилот со својот Хонда Сивик немаше доволно време за местење на идеалниот сет-ап, а дополнително автомобилот доби 90 килограми тежински пенал (60 килограми според БОП-системот на организаторите, како и 30 килограми за неучество на претходната трка), па поради тоа освои 16-то место на квалификациите. Сепак, во првата трка која се возеше во сабота попладне, Давидовски успеа да напредува дури шест места, со што се избори за пласман на 10 место.
По трката, стјуардите му доделија казна од 30 секунди на Сами Тафик, па така Давидовски беше унапреден на деветто место. Истовремено, тој беше најдобро пласиран поединец од возачите кои се дел од „Јокохама“ купот, каде што се вреднуваат постигнувањата само оние кои не се дел од профи тимовите, поради што се најде на победничкиот пиедестал заедно со победникот Брише од Пежо, Лојд од Хонда и Берт од Ауди, информираа од тимот на Давидовски. Утрешната трка е закажана за попладне во 13 часот на автодромот во Монца, а истата може да се следи преку официјалниот YouTube канал на ТЦР Европа. зс/

Остани поврзан