• среда, 27 ноември 2024

Г7: Постигнавме историски договор за оданочување на технолошките гиганти

Г7: Постигнавме историски договор за оданочување на технолошките гиганти
Лондон, 5 јуни 2021 (МИА) - Министрите за финансии на Г7 денеска во Лондон постигнаа историски договор за оданочување на мултинационалните технолошки гиганти, објави британскиот министер за финансии Риши Сунак на Твитер. „ Пресреќен сум што можам да објавам дека денеска, по повеќегодишни дискусии, министрите за финансии на Г-7 постигнаа историски договор за реформа на глобалниот даночен систем“, напиша Сунак. Тој додаде дека министрите за финансии на групата седум водечки економии се согласиле за „минимален данок на добивка на големите компании од најмалку 15 проценти што ќе се утврдува од земја до земја“. Овој договор е важна основа за понатамошен договор за време на форумот Г20 и треба да стави крај на децениската „трка кон дното“ во која државите се натпреваруваа за привлекување корпоративни гиганти со сè пониски даночни стапки и ослободувања. Но, како што пренесуваат странските агенции, тоа ги чинеше стотици милијарди долари - недостиг што сега сакаат да го надоместат што е можно побрзо, за да можат да ги управуваат економиите уништени од пандемијата на коронавирусот. Мултинационалните компании како Гугл, Амазон и Фејсбук плаќаат малку или воопшто не плаќаат данок, а богатите нации со години се обидуваат да договорат начин за тоа да го променат. Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден им даде нов поттик на преговорите со предлог за минимална даночна стапка од 15 проценти, што е повисоко отколку во земјите како Ирска, која има една од најниските стапки на данок на доход во Европската унија, со 12,5 отсто, но е под најниското ниво во Г7. паг/  

Остани поврзан