• понеделник, 23 декември 2024

Гутереш ги предупреди Кина и САД да избегнат нова студена војна

Гутереш ги предупреди Кина и САД да избегнат нова студена војна
Њујорк, 20 септември 2021 (МИА) - Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш предупреди на можноста од нова студена војна и ги повика Кина и САД да го поправат својот „целосно нефункционален“ однос пред проблемите меѓу двете суперсили да се прелеат на остатокот од планетата.
„Двете големи светски економски сили би требало да соработуваат во областа на климата и поактивно да преговараат за трговијата и технологијата, и покрај политичките несогласувања околу човековите права, економијата, онлајн безбедноста и суверенитетот во Јужното Кинеско Море. За жал, ние имаме само конфликт денес“, рече Гутереш во интервју за Асошиетед прес пред почетокот на Генералното собрание на ОН оваа недела.
Тој истакна дека функционалниот однос меѓу двете сили мора повторно да се воспостави бидејќи е „неопходно да се реши проблемот со вакцинацијата, климатските промени и многу други глобални предизвици кои не можат да се решат без конструктивни односи во рамките на меѓународната заедница и особено суперсилите“.
Пред две години, Гутереш ги предупреди светските лидери за ризикот од поделба на светот на два дела, при што САД и Кина создадоа „ривалски интернет, валута, трговија, финансиски правила“ и свои геополитички и воени стратегии. Тој го повтори тоа предупредување во интервјуто, додавајќи дека двете ривалски геополитички и воени стратегии ќе претставуваат „опасност“ и ќе го поделат светот. „Ние мора по секоја цена да избегнеме студена војна која би била различна од претходната и веројатно поопасна и потешка за управување“, рече Гутереш.
Тој додаде дека договорот меѓу САД и Велика Британија за да и се помогне на Австралија да изгради подморници со нуклеарен погон за да можат да работат незабележано во Азија е „само мал дел од посложената загатка за целосно дисфункционален кинеско-американски однос“. Во интервјуто, генералниот секретар се осврна на три главни прашања со кои светските лидери ќе се соочат оваа недела: влошување на климатската криза, пандемијата на коронавирус и неизвесната иднина на Авганистан под талибанска власт. Говорејќи за улогата на ОН во Авганистан, Гутереш оцени дека е нереално да се очекува дека мисијата на ОН во Авганистан „одеднаш ќе успее да создаде инклузивна влада, која ќе гарантира почитување на сите човекови права, искоренување на тероризмот и трговијата со дрога“. „На крајот на краиштата, САД и многу други земји имаа илјадници војници во Авганистан, потрошија милијарди долари и не беа во можност да ги решат проблемите на земјата, а некои веруваат дека ги влошиле“, рече Гутереш. паг/  

Остани поврзан