• четврток, 26 март 2026

Гутереш ги повика Индија и Пакистан на максимална воздржаност

Гутереш ги повика Индија и Пакистан на максимална воздржаност

Њујорк, 5 мај 2025 (МИА) – Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш денеска ги повика Индија и Пакистан на максимална воздржаност.

- Неопходно е, особено во овој критичен момент, да се избегне воен конфликт, што лесно би можел да излезе од контрола. Сега е време за максимална воздржаност и оддалечување од бездната, наведе Гутереш.

Тој додаде дека ги разбира „силните емоции по ужасниот терористички напад“ од 22 април во индискиот дел од Кашмир. Гутереш уште еднаш го осуди нападот и побара казни за напаѓачите.

Индија го обвинува Пакистан за нападот во кој загинаа 26 цивили. Исламабад негира каква било вмешаност. Се уште никој не презел одговорност за нападот.

- Жал ми е што гледам дека (нивните) односи достигнаа критична точка. Немојте да се залажувате, воено решение не е решение, наведе Гутереш, додавајќи дека ОН се подготвени да „поддржат секаква иницијатива што поттикнува деескалација, дипломатија и обновена посветеност на мирот“.

На барање на Пакистан, Советот за безбедност на ОН денеска зад затворени врати ќе разговара за ситуацијата. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан