• понеделник, 23 декември 2024

Гутереш бара крај на кошмарот во Идлиб, реагираат и други државници

Гутереш бара крај на кошмарот во Идлиб, реагираат и други државници
Њујорк, 21 февруари 2020 (МИА) - Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика да запре „сега и веднаш“ „хуманитарниот кошмар“ во сириската провинција Идлиб, но не онајави никаква иницијатива за прекин на конфликтот во областа. - Пораката е јасна. Нема воено решение за сириската криза. Единствено решение е политичкото. Важно е да се разбие маѓепсаниот круг на насилство и страдање, рече Гутереш пред новинарите. Околу 900.000 луѓе ги напуштија своите домови во Идлиб од 1 декември. Меѓу нив се над 500.000 деца. - Потребна е хуманитарна помош за 2,8 милиони луѓе во северозападна Сирија, рече генералниот секретар на ООН, барајќи дополнителни 500 милиони американски долари за покривање на трошоците за хуманитарна помош во текот на следните шест месеци. Реакција имаше и францускиот претседател Емануел Макрон. - Борбените активности во Идлиб претставуваат закана за Европа во смисла на нова мигрантска криза. Станува збор за два милиони мигранти, потенцираше Макрон. На оваа тема денеска телефонски разговараа и претседателите на Русија и Турција Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган. Турскиот претседател истакна дека сирискиот режим мора да биде запрен во Идлиб, и да се стави крај на хуманитарната криза. Тој додаде дека решавањето на експлозивната состојба во Идлиб бара „целосно спроведување на договорот од Сочи“, спонзориран од двајцата лидери. Ердоган и Путин рекоа дека сакаат да ги почитуваат сите договори склучени меѓу двете страни, соопшти кабинетот на турскиот претседател. „Владимир Путин рече дека е крајно загрижен поради агресивните активности на екстремистичките групи. Потребно е безусловно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија“, се вели во соопштението на Кремљ. Офанзивата која ја води режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, со поддршка на Москва за заземање на Идлиб, последното бунтовничко упориште во северозападниот дел на земјата, сериозно го поткопа договорот меѓу Ердоган и Путин, кои тесно соработуваа од 2016 година на ставање крај на судирите во Сирија, каде тие поддржуваат спротивставени табори. ссм/    

Остани поврзан