• понеделник, 27 јануари 2025

Гутереш апелира Руанда да ја прекине поддршката за М23 во ДР Конго

Гутереш апелира Руанда да ја прекине поддршката за М23 во ДР Конго

Њујорк, 26 јануари 2025 (МИА) – Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска побара повлекување на војниците од Руанда да се повлечат од Демократска Република Конго и да ја прекинат поддршката за бунтовничкото Движење 23 март (М23).

Претходно, претставници на ОН изјавија дека изминатите денови загинале најмалку 13 припадници на Мировната мисија на Обединети нации во борбите со припадниците на М23.

Армијата на ДР Конго вчера соопшти дека со помош на сојузничките трупи, вклучително и мировниците на ОН и војниците од Мисијата на Јужноафриканската развојна заедница (САМИДРЦ) осуетила офанзива на М23 кон Гома.

ДР Конго ја обвинува Руанда за поддршка на М23, а Кигали негира. Но, Руанда има распоредено војници и ракетни системи во источниот дел на ДР Конго, како што тврди поради своја безбедност.

Гома е град со околу два милиони жители, кој е клучен центар за безбедносни и хуманитарни активности, а изминатите недели е опколен од припадниците на М23.

М23 е една од околу стоте вооружени групи кои се борат во источниот дел на ДР Конго, регион богат со минерали. Бунтовничката група главно е составена од членови на етничката заедница Тутси. М23 претходно го освои Гома во 2012 година и го контролираше градот повеќе од една недела.

Во повеќе деценискиот конфликт во источниот дел на ДР Конго помеѓу ривалските вооружени групи околу земјиштето и ресурсите, како и нападите врз цивилите, загинаа стотици илјади луѓе, а раселени се над седум милиони.

Мировните сили на ОН се распоредени во ДР Конго пред повеќе од две децении и моментално имаат околу 14.000 војници. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан