Гундоган: Не смееме да си дозволиме да загубиме од Ливерпул
- Илкај Гундоган призна дека поразот од Ливерпул во неделата би можел да стави крај на надежите на Манчестер Сити за титулата во Премиер лигата
Манчестер, 27 ноември 2024 (МИА) - Илкај Гундоган призна дека поразот од Ливерпул во неделата би можел да стави крај на надежите на Манчестер Сити за титулата во Премиер лигата.
Слабиот настап на тимот продолжува, откако „граѓаните“ синоќа прокоцкаа водство од 3-0 во последните 15 минути и ремизираа 3-3 со Феенорд во Лигата на шампионите.
Тимот на Пеп Гвардиола барем го избегна шестиот последователен пораз во сите натпреварувања, но покажува катастрофална форма за критичното патување на „Енфилд“ овој викенд.
Ливерпул ќе влезе во натпреварот со осум бода предност пред шампионот Сити на врвот во Премиер лигата.
-За да останете во трката за титулата, тоа е натпревар кој Сити не може да си дозволи да го загуби бидејќи 11 бода би биле огромна разлика. Секогаш е тешко на „Енфилд“, без разлика на ситуацијата. Се мачевме во последниве години кога бевме гости таму. Знаеме дека Ливерпул е одличен тим полн со самодоверба во моментов. Ќе биде тешко, но тоа ја сумира ситуацијата во моментот. Очигледно донекаде сами се доведовме во оваа ситуација, но се надеваме дека можеме да излеземе од неа што е можно побрзо, особено во толку голем натпревар, додаде тој.
Гундоган, кој ја освои тројната круна со „граѓаните“ во 2023 година и се врати во клубот минатото лето по краткиот период во Барселона, призна дека ремито со Феенорд се чувствувало како пораз.
-Тешко е во моментов. Чувството е како да сме изгубиле. Во моментов чувствуваме големо разочарување, но фудбалот е фудбал и понекогаш создава неверојатни моменти или тешки моменти со кои треба да се справите, изјави 34-годишниот Германец. дс
Фото: Архива