• понеделник, 23 декември 2024

Грчко МНР: Турција верно продолжува со улогата на бељаџија и фактор на нестабилност во регионот

Грчко МНР: Турција верно продолжува со улогата на бељаџија и фактор на нестабилност во регионот
Атина, 1 септември 2020 (МИА) –За издадената нова турска навигациска информација (Навтекс) за сеизмички истражувања на бродот „Оруч Рејс“ до 12 септември 2020 година, реагираше Министерството за надворешни работи на Грција и вели дека „Турција продолжува со улогата на бељаџија и фактор на нестабилност во регионот“, јави дописничката на МИА од Атина. -Турција верно продолжува да ја исполнува улогата на бељаџија и фактор на нестабилност во регионот. Продолжува да ги игнорира повиците за дијалог и да ги ескалира нејзините провокации. Продолжува самата да се заглавува во ќорсокаците на нејзините избори, да ја поткопува безбедноста во регионот, принудувајќи ја меѓународната заедница да преземе мерки, соопштуваат од грчкото МНР, за како што велат, „новата нелегална турска навтекс“. Истакнуваат дека „Грција нема да биде уценета“ и додаваат дека „врз основа на меѓународното и морското право и правилата на добрососедство“, ќе продолжи да се стреми кон договори за одредување на морските зони со сите земји од регионот. -Ја повикуваме Турција да отстапи од секојдневните делириуми и да работи на безбедноста и стабилноста на регионот, додаваат од Министерството за надворешни работи на Грција. ср/

Остани поврзан