• понеделник, 23 февруари 2026

Грчко-американската одбранбена соработка во фокусот на средбата Хегсет-Дендиас во Вашингтон

Грчко-американската одбранбена соработка во фокусот на средбата Хегсет-Дендиас во Вашингтон

Атина, 4 февруари 2026 (МИА) – Одличната одбранбена соработка, како на билатерално ниво, така и во рамките на НАТО била истакната на средбата во Вашингтон на министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас со американскиот секретар за војна Пит Хегсет, а биле разгледани и можностите за понатамошна соработка и синергии во областите на одбранбените иновации и одбранбената индустрија, информираа од грчкото Министерство, јави дописничката на МИА од Атина.

Средбата, според истите информации, била во срдечна клима, а Дендиас упатил покана до Хегсет да ја посети Грција.

Дополнително, на средбата присуствувал и потсекретарот надлежен за одбранбена политика Елбриџ Колби, со кој опширно разговарале за одбранбената соработка меѓу Грција и Соединетите Американски Држави.

По средбата, Дендиас рече дека имал можност да ги објасни „грчките позиции за низа пошироки прашања“ што се однесуваат на регионот, на стратешките предизвици и напорите за реформира на грчките вооружени сили, односно т.н. „Агендата 2030“.

- Се осврнав на низа договори што ги имаме потпишано со САД, како што е договорот за набавка на Ф-35 и начинот на кој овие договори ќе се спроведат на најдобар можен начин во корист на грчките вооружени сили. На крај, и писмено го поканив министерот да ја посети Грција и ќе ни биде задоволство да го пречекаме, бидејќи, колку што се сеќавам, посетите на американски министер за одбрана на нашата земја не се чести. Затоа, тоа ќе биде нешто навистина исклучително за нас, посочи Дендиас. ср/јт/

Фото: Министерство за одбрана на Грција

Остани поврзан