Грчките опозициски партии се очекува да достават барање за гласање недоверба на Владата поради железничката несреќа
- На иницијатива на ПАСОК и со поддршка на уште три опозициски партии, во текот на денешниот ден се очекува до Парламентот да биде доставен предлог за гласање недоверба на грчката Влада, поради железничката несреќа кај Темпи пред две години, додека пак за вечерва закажани се нови протест во повеќе градови низ Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 5 март 2025 (МИА) – На иницијатива на ПАСОК и со поддршка на уште три опозициски партии, во текот на денешниот ден се очекува до Парламентот да биде доставен предлог за гласање недоверба на грчката Влада, поради железничката несреќа кај Темпи пред две години, додека пак за вечерва закажани се нови протест во повеќе градови низ Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Откако Националната управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот во четвртокот го објави експертскиот извештај за несреќата, лидерот на ПАСОК Никос Андруалкис најави дека ќе достави барање за гласање недоверба на грчката Влада и ги повика „сите демократски опозициски партии да ја поддржат иницијативата“.
Со оглед на тоа што за доставување предлог за гласање недоверба на Владата потребни се потписи од една шестина од вкупниот број пратеници во Парламентот, односно најмалку 50 потписи, а ПАСОК има 32 пратенички места, во изминатите денови постоела комуникација со опозициските СИРИЗА, Нова левица и Курс на слободата за заедно да го потпишат барањето.
Од друга страна, на расправата за гласање недоверба на Владата не се очекува да биде изгласан предлогот на опозицијата, бидејќи потребен е минимум 151 глас од вкупно 300 пратеници, а пратеничката група на владејачката Нова демократија има мнозинство од 156 места.
Доцна синоќа со широко мнозинство и 277 гласа „за“, грчкиот Парламент даде зелено светло за формирање предистражна комисија за евентуална кривична одговорност на Христос Триандопулос, кој во периодот кога се случи железничката несреќа кај Темпи беше министер брз ресор.
Од опозициската ПАСОК минатиот месец доставија предлог до Парламентот за предистражната комисија, бидејќи според нив постојат докази дека четири дена по железничката несреќа, било интервенирано на просторот каде што се случи несреќата и станува збор за нелегални интервенции за кои треба да се истражи евентуална кривична одговорност на тогашниот министер без ресор.
Непосредно пред вчерашното гласање, како што објави МИА, Триандопулос си поднесе оставка од актуелната функција заменик-министер за цивилна заштита и климатски промени на Грција.
Оставка вчера си поднесе и генералниот секретар во истото министерство Василис Папагеоргиу, кој се соочува со обвинение за евентуално интервенирање на местото на несреќата.
Барањето за формирање предистражна комисија за Триандопулос го поддржаа и пратениците од владејачката Нова демократија, а министерот без ресор Макис Воридис говорејќи за грчката телевизија ЕРТ утрово посочи дека „не постојат индикации дека Триандопулос е виновен“.
По масовните демонстрации во петокот на над 380 локации во земјата и странство, железничката несреќа кај Темпи од 2023 година, во која загинаа 57 лица и понатаму е главна тема во Грција, а за денеска, паралелно со доставувањето на барање за гласање недоверба на Владата се најавени нови протести во Солун, Атина и други грчки градови. ср/ссм
Фото: Архива МИА