• недела, 22 декември 2024

Грчкиот Парламент го изгласа законот за поштенско гласање на евроизбори и референдуми

Грчкиот Парламент го изгласа законот за поштенско гласање на евроизбори и референдуми

Атина, 24 јануари 2024 (МИА) – Со 158 гласа „за“, сите од владејачката Нова демократија, грчкиот Парламент попладнево го изгласа предлог-законот за поштенското гласање што ќе важи само за евроизборите и референдумите, додека пак амандманот, Грците во странство да гласаат по пошта и на парламентарни избори, не го доби потребното двотретинско мнозинство, односно најмалку 200 гласа, јави дописничката на МИА од Атина.

Иако првично опозициските ПАСОК и СИРИЗА најавија дека ќе го поддржат законот, сепак, откако беше доставен амандманот, го променија својот став и гласаа против. 

Новиот закон ќе биде спроведен на претстојните европски избори во јуни, предвидува Грците кои живеат во странство да гласаат исклучиво преку поштенско гласање, додека гласачите во внатрешноста на земјата ќе можат да одберат како ќе го остварат правото на глас или на избирачките места како досега или со гласање по пошта, под услов навремено да се пријават на соодветната платформа за оваа намена.

Законот се однесува само на европските избори и на референдумите, а не и на парламентарните избори. 

Министерството за внатрешни работи на првиот ден од расправата, во понеделникот вечерта достави амандман со кој на Грците во странство им се дава можност освен на евроизборите и на референдумите, да гласаат по пошта и на парламентарните избори, меѓутоа не го доби потребно двотретинско мнозинство, односно најмалку 200 пратеници, што значеше дека освен од владејачката партија, потребна беше поддршка и од опозициските партии. ср/паг/

Остани поврзан