Грчкиот Парламент го изгласа законот за набавка на уште шест воени авиони и три фрегати од Франција
- Со широко мнозинство грчкиот Парламент вечерва го изгласа новиот закон за зајакнување на одбраната на земјата што вклучува набавка на дополнителни шест воени авиони „Рафал“ и три фрегати „Бел

Атина, 15 февруари 2022 (МИА) – Со широко мнозинство грчкиот Парламент вечерва го изгласа новиот закон за зајакнување на одбраната на земјата што вклучува набавка на дополнителни шест воени авиони „Рафал“ и три фрегати „Белара“ од Франција, јави дописничката на МИА од Атина.
За конкретниот закон од Министерството за одбрана, „за“ гласаа пратениците од Нова демократија, Движење на промена и Грчко решение, „против“ беа Комунистичката партија и МЕРА 25, додека пак пратениците од СИРИЗА гласаа „присутни“.
Грција веќе има договор за 18 воени авиони „Рафал“, а шест од нив минатиот месец пристигнаа во Атина.
На крајот од септември минатата година, министрите за надворешни работи и одбрана на Грција и Франција, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во Париз го потпишаа Договорот за воспоставување стратешко партнерство за одбранбена и безбедносна соработка меѓу двете земји што содржи набавка на три модерни француски фрегати „Белара“, со можност за набавување на плус уште една.ср/