• вторник, 05 ноември 2024

Грција набавува три француски фрегати, потпишан Договор за стратешко партнерство за одбранбена и безбедносна соработка

Грција набавува три француски фрегати, потпишан Договор за стратешко партнерство за одбранбена и безбедносна соработка
Париз, 28 септември 2021 (МИА) – Набавка на три модерни француски фрегати „Belharra“ вклучува Договорот за воспоставување стратешко партнерство за одбранбена и безбедносна соработка меѓу Франција и Грција, што утрово во Париз го потпишаа министрите за надворешни работи и за одбрана на двете земји, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина. Макрон и Мицотакис, на прес-конференцијата по потпишувањето ја истакнаа важноста на Договорот и блиските и зајакнати односи меѓу двете земји. Францускиот претседател истакна дека  Договорот е плод на 18-месечна интензивна работа и ја изразува заедничката волја на двете земји за зајакнување и интензивирање на соработката во одбраната и безбедноста врз основа на взаемните интереси, но и на солидарност, а намерата е „да се заштитат суверенитетот, независноста и интегритетот на двете земји“. Грчкиот премиер изјави дека е историски ден за Грција и Франција, бидејќи двете страни решија да ја надградат билатералната одбранбена соработката, а двете земји „прават прв храбар чекор кон европска стратешка автономија“, но и дека овој договор го отвора патот за силна Европа во иднина. Тој нагласи дека по 24 француски воени авиони „Rafale“, Грција ќе добие и три фрегати „Belharra“со можност да се набави уште една. ср/гт/ Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан