Грција ги враќа колективните договори и ги укинува сите ограничувања од периодот на меморандумите
- Грчката Влада и националните социјални партнери постигнаа и потпишаа договор за зајакнување на колективните договори за работа, договор што е прв од ваков вид и ги укинува сите ограничувања од периодот на меморандумите за штедење, а претпладнево беше детално презентиран, додека пак министерката за труд и социјално осигурување на Грција Ники Керамеос го карактеризираше како историски, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 26 ноември 2025 (МИА) – Грчката Влада и националните социјални партнери постигнаа и потпишаа договор за зајакнување на колективните договори за работа, договор што е прв од ваков вид и ги укинува сите ограничувања од периодот на меморандумите за штедење, а претпладнево беше детално презентиран, додека пак министерката за труд и социјално осигурување на Грција Ники Керамеос го карактеризираше како историски, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за договор склучен меѓу Владата и неколку организации: Генералната конфедерација на работниците на Грција, односно Синдикатот на вработени во приватниот сектор; Сојузот на бизниси и индустрии; Генералната конфедерација на професионалци, занаетчии и трговци на Грција, односно синдикалната организација која ги претставува малите и средни претпријатија, занаетчиите и трговците; Националната конфедерација на грчките трговски бизниси; Сојуз на грчките туристички бизниси и Сојузот на индустриските бизниси во Грција.
- Ова е историски договор. Не само затоа што нешто слично никогаш порано не се случило во нашата земја – владин договор со сите национални социјални партнери – туку главно затоа што договорот гради рамка на соработка што обезбедува стабилност, безбедност и јасни правила за сите и означува почеток на нова ера за колективните работни договори во Грција, истакна министерката за труд на Грција.
Додаде дека сѐ повеќе вработени ќе бидат опфатени со колективни работни договори, „со голем број и многу важни придобивки за нив, но и за бизнисите“.
- За вработените значи можност за зголемување на платите и бенефициите, стабилна, безбедна и предвидлива работна средина, помалку стрес, бидејќи се намалува загриженоста за промените во работните услови. Претставува олеснување што носи безбедност и достоинство. За бизнисите, значи стабилност, можност за инвестирање во вработените, средина со јасни правила без континуирани или отворени преговори, средина што го олеснува и зајакнува развојот и борбата против нелојалната конкуренција, истакна Керамеос.
На потпишувањето му претходеле седум месеци интензивни консултации помеѓу сите инволвирани страни, а според надлежната министерка, договорот е базиран на три основни столба: олеснувањето на проширувањето на колективните договори за работа, така што многу повеќе работници ќе да бидат заштитени со колективните договори; целосна заштита на работниците по истекот на колективните договори и забрзување на процедурите во случај на несогласувања помеѓу работниците и работодавците. ср/јт/
Фото: Министерство за труд и социјално осигурување