• недела, 22 декември 2024

Група граѓани со иницијатива за трајно решавање на честите пожари кај депонијата Ралова Чука, која сè уште гори

Група граѓани со иницијатива за трајно решавање на честите пожари кај депонијата Ралова Чука, која сè уште гори
Делчево, 24 јули 2022 (МИА) - Група граѓани од Делчево започнуваат иницијатива за решавање на проблемот со „честиот” пожар, кој сè уште е активен на депонијата за градежен шут „Ралова Чука” во Делчево.
Целта на јавниот повик, како што се наведува, е преку донирање средства да се солидаризираат стопанствениците, хуманите граѓани и останати субјекти, со цел да се обезбеди градежна механизација од локални фирми, која ќе биде искористена за да се покрие депонијата со земја, за да се спречи појава на нов пожар кој, според нив, нанесува голема штета врз здравјето на граѓаните.
- Благодарност до пожарникарите за нивната деноноќна интервенција, но крајно време е сите да засукаме ракави и како што самите пожарникари напоменаа во неколку наврати, пожарот да се спречи со интензивна работа на градежни машини. Во спротивно и самите сме сведоци на загрозувањето на животот во целиот град, неговата околина и природата. Апелираме на активно учество од сите стопанственици, сè со цел најитно решавање на проблемот кој нè засега сите нас, се вели во јавниот повик на група граѓани, напоменувајќи дека активностите би се реализирале во координација со надлежните и Јавното комунално претпријатие „Брегалница".
Во моментот пожарот на депонијата Ралова Чука е ставен под контрола, но поради нејзиното самозапалување пожарот константно е присутен. Во гасењето на пожарот учествуваат припадници на Територијалната противпожарна единица Делчево и вработени во Комуналното претпријатие. вс/вг/

Остани поврзан