• понеделник, 23 декември 2024

Грузија донесе закон за семејни вредности и против промоција на хомосексуалните односи

Грузија донесе закон за семејни вредности и против промоција на хомосексуалните односи

Тбилиси, 17 септември 2024 (МИА) - Грузискиот парламент денеска усвои закон за „семејни вредности“ и против „промоција на хомосексуалните односи“, кој Европската унија, САД и организациите за човекови права го осудија како ограничување на правата на ЛГБТ заедницата.

Законот, кој е сличен на оној што постои во Русија, беше одобрен од членовите на владејачката партија Грузиски сон на гласањето што го бојкотираше опозицијата.

За него гласаа 84 пратеници, а никој не беше против. Треба да биде потпишан од прозападната претседателка Саломе Зурабишвили, а доколку таа одбие да го стори тоа, претседателот на парламентот ќе го потпише. Текстот забранува „промоција на хомосексуални односи и инцест“ во образовните институции и ТВ емисии, а протестите и собирите ќе бидат ограничени. 

Групите за човекови права ја критикуваа формулацијата, која го поистоветува инцестот со хомосексуалноста. На почетокот на септември, Европската унија оцени дека тоа „ги поткопува основните права на Грузијците и ризикува да ја зајакне стигматизацијата и дискриминацијата на дел од населението“.

Претседателот на парламентот Шалва Папуашвили, кој го поддржа предлог-законот, вели дека целта на текстот е „да се зајакне механизмот за заштита на малолетниците и семејните вредности врз основа на заедницата на жена и маж“. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан