• недела, 22 декември 2024

Груби: Од предвидените административци 92 проценти се распределени на новите работни места

Груби: Од предвидените административци 92 проценти се распределени на новите работни места
Скопје, 4 август 2021 (МИА) - Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби одговарајќи на новинарско прашање истакна дека 92 проценти од сите административци предвидени со програмата за распределба К5, се веќе на новите работни места по институции, вклучително и оние административци кои беа спорни во Државниот пазарен инспекторат. - Од минатата недела веќе сите почнаа со работа. Во процес на распределба сме во Министерството за внатрешни работи - 140 административци, кои во моментот го поминуваат процесот на ветинг во Националната агенција за безбедност. Колку што имам информации, 120 го поминале тој процес и се надевам дека во текот на овие денови ќе почнат со работа и во МВР, со што целиот процес ќе биде заокружен, рече Груби на промовирањето на поштенска марка посветена на 20-годишнината од Охридскиот договор. Груби потенцира дека до него директно немало никакви поплаки од административци во врска со систематизацијата. - До мене немало поплаки. Имаше процедурални дилеми, на пример, група од Куманово која беше префрлена во Даночната управа, беше преместена во Штип, но Штип го опфаќа градот Куманово како регион и беше само техничка работа за добивање документација, но со работните места продолжија таму. Нормално, имаме луѓе кои имаат амбиции за понатаму, но секако, нека се докажат со својата работа и нека напредуваат на работните места каде што се префрлени, рече Груби. Владата на седница во јануари, годинава, го усвои планот за распределување на административните службеници вработени преку програмата К5. Планот предвидуваше распределба на над 1 300 административни службеници кои засновале работен однос заклучно со 31 декември 2019 година, во вкупно 258 институции на локална самоуправа и други државни органи. Врз основа на планот за распределба, кој е одобрен од Министерството за финансии, институциите ја утврдуваат одлуката додека раководните лица во институциите се должи да започнат постапка за усогласување на актите на систематизација на работните места во рок од 30 дена од одобрувањето на планот.  фф/вг/

Остани поврзан