• недела, 22 декември 2024

Грошељ: Изјавата на Мицкоски дека нон-пејперот не е на Јанша, туку на Фајон, Пицула и Заев е класична лажна вест

Грошељ: Изјавата на Мицкоски дека нон-пејперот не е на Јанша, туку на Фајон, Пицула и Заев е класична лажна вест
Скопје, 19 април 2021 (МИА) - Класична лажна вест и теорија на заговор - вели словенечкиот евтопратеник Клемен Грошељ за изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијаn Мицкоски дека премиерот на Словенија и негов пријател Јанез Јанша не бил креатор на нон-пејперот за промена на гранциите на Балканот туку дека тоа го направиле Тања Фајон, Тонино Пицула и Зоран Заев.

- Тоа е типична лажна вест. Во Словенија е секојдневна рутина што и да му оди наопаку на нашиот претседател на Влада, секогаш се бара теорија на заговор. Тоа се лажни вести и теории на заговор со кои се обидувааат да ги намалат негативните последици на надворешно и внатрешно-политички авантури на нашиот претседател на Влада. Никој надвор од Западен Балкан освен нашиот претседател на Влада, никој не споменал, ниту Тања Фајон, ниту Тонино Пицула ниту кој било друг од опозицијата во врска со тој документ. Тоа е само потврда дека ќе се случи големо надворешно политичко фијаско на нашиот претседател на Влада и сега тоа се обидуваат да го ублажат, тоа се некои  теории на заговор, со некои идеи за лажни вести..., изјави Грошељ за ТВ 24.

 Според него, таков документ постои, но не е официјален став на Словенија, туку најверојатно доаѓа од кабинетот на Јанез Јанша во конекции со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

- Секако тоа не е измислено. Нешто постои, тоа кружеше по дипломатиите на ЕУ. Важно е да се спомне и фактот дека многу дипломатии, Германија, САД, па дури и Русија, сите тие порачаа јасно дека нема никакви промени на границите на Западен.Балкан. Штом тие имале потреба тоа да го кажат, во некоја рака значи дека во суштина таков документ постои. За мене има уште важно прашање, и ќе инсистирам на расправа во Европскиот парламент да се утврди кој е автор или автори на тој документ, бидејќи тој документ оди во спротивен правец на сите документи на ЕУ до сега, наведе Грошељ. 

Нон-пејперот, словенечкиот европратени го поврзува со лични и идеолошки врски меѓу Јанша и Орбан, но и со поранешниот македонски премиер Никола Груевски.

- Тука има некоја идеолошка, финансиска па и некои други врски меѓу тие луѓе, нон-пејперот потврдува дека имаат некои идеи како Западен Балкан би морал во иднина да се креира, а знаете и дека Унгарија е многу дипломатски активна во Србија, и воопшто на Западен Балкан. Треба да се истакна и дека комесарот одговорен за проширување доаѓа од Унгарија, и тоа е уште еден елемент кој мене ме интересира. Целата таа ситуација фрла друга перспектива на која мора да реагира и Европската комисија, а пред се Европскиот парламент, вели Грошељ. 

Тој оценува дека тоа што е напишано во нон-пејперот може да предизвика тотална дестабилизација не само на Западен Балкан, туку ќе значи и дека ЕУ во својот двор, што го смета како геополитички приоритет, ќе има криза која нема да ја засили, туку ќе ја ослаби Унијата.јв/са/

 

Остани поврзан