• четврток, 14 ноември 2024

Грлиќ Радман: Преважно е прашањето за отворање преговори со Северна Македонија

Грлиќ Радман: Преважно е прашањето за отворање преговори со Северна Македонија
Скопје, 15 јуни 2022 (МИА) - Отворањето пристапни преговори би било не само политички, туку и важен психолошки момент и за граѓаните на Северна Македонија, бидејќи 17 години чекате тоа да се случи. Северна Македонија направи сè што требаше, го смени и името, направивте големи реформи, покажавте дека сте проевропски и со отворањето преговори ќе се отвори и ново поглавје на евроската перспектива, изјави денеска шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман на прес-конференцијата во Скопје со неговиот македонски колега Бујар Османи. Грлиќ Радман потенцира дека почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, не е само во интерес на државава, туку и во интерес и на целата ЕУ, па и подеднакво и на Хрватска, бидејќи, вели, мора да ја имаме пошироката слика на случувањата. - Преважно е ова прашање да се најде повторно на агендата на Советот на ЕУ, сметам дека технички сè е возможно, тоа е за една седмица, очекуваме, се надеваме на свикување меѓувладина конференција, тука е битно и француското претседателство и влијанието на водечките земји во ЕУ, нагласи Грлиќ Радман. Тој истакна дека Северна Македонија е најдобар показател во однос на сите земји од Западен Балкан што остварија голем напредок. - Вложуваме големи напори од наша страна да увериме за неопходноста и важноста на пристапните преговори со Северна Македонија. Друго не можам да кажам, бидејќи имам исти сознанија како и министерот Османи, рече Радман. Хрватскиот министер оцени дека ЕУ треба посилно да биде присутна во земјите од Западен Балкан, и секогаш, рече, како министер присутен на состаноците за надворешни работи, ја истакнувал важноста од посилна присутност на ЕУ на Западен Балкан, и дека тоа е од суштинска важност за безбедноста, за иднината, просперитетот и оти присутноста на Европската Унија е знак дека тоа е геополитички простор на Унијата. - Земјите од Западен Балкан се опкружени со членки на ЕУ и на НАТО, а Северна Македонија исто така е и членка на НАТО и затоа кога говориме за безбедноста, зборуваме и за превенција од влијанија од трети земји и превенција од прелевање на судирот. Силно ја осудивме руската агресија врз суверена земја, што е без преседан во 21 век, нарушен е светскиот поредок, рече Грлиќ Радман. Во врска со ситуацијата на Западен Балкан, рече тој, од наш стратешки интерес е зајакнување на целокупната отпорност на регионот, особено во светло на моменталните геополитички односи. - Хрватска и Северна Македонија како членки на НАТО и во рамките на Јадранската повелба се важен гарант за стабилноста на подрачјето на Југоисточна Европа и постои простор за јакнење на соработката во заедничкото членство во НАТО. На прес-конференцијата со Османи, Радман ги поздрави активностите на државава за зајакнување на правата на хрватското малцинство во Северна Македонија. Тој исто така го поздрави и интересот на компаниите од двете земји за делување на пазарите и во Хрватска и во Северна Македонија, наведувајќи оти тој тренд треба да продолжи. Османи од своја страна истакна дека доколку се има волја и стратешки пристап може да се обезбеди јасна и недвосмисена европска персектива што ќе резултира со полноправно членство во ЕУ. Во однос на економската соработка со Хрватска, Османи рече дека економските потенцијали треба подобро да се искористат бидејќи се уште не ги одразуваат блиските билатерални односи, истакнувајќи дека вкупната економска соработка со Хрватска изнесува 220 милиони долари. Османи информира и дека за време на посетата на Радман потпишале и Меморандум за разбирање за дипломатско усовршување меѓу двете министерства. нд/вг/    

Тагови

Остани поврзан