• понеделник, 23 декември 2024

Грковска - Јурова: Јакнењето на демократските вредности е клучно за напредокот во општеството

Грковска - Јурова: Јакнењето на демократските вредности е клучно за напредокот во општеството

Скопје, 28 јуни 2023 (МИА) - Потребата од јакнење на демократските вредности и владеењето на правото, како и за напредокот на нашата земја во засилувањето на проактивната транспарентност на институциите и справувањето со корупцијата беа теми на денешната средба во Брисел на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска со Вера Јурова, комесар за вредности и транспарентност во Европската комисија. 

Како што соопштија од владината прес-служба, на средбата вицепремиерката Грковска информираше за целите на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, кој беше воспоставен со цел да вмрежи жени од регионот кои со своето професионално дејствување се пример за одговорност и интегритет.

-Еврокомесарката Јурова посочи дека ваквите иницијативи се важни, со оглед дека е потребно да се адресира прашањето зошто многу жени го напуштаат јавниот живот, особено тие што се вклучени во политиката, судството, медиумите и невладиниот сектор, поради притисокот од разните форми на родово засновано насилство, се наведува во соопштението.

На средбата се разговараше и за потребата да се зајакне младата генерација, особено преку системски промени во образованието, кои треба да вградуваат вистински вредности и да го зголемуват интересот на младите за вклучување во општествените процеси.

-Имајќи ја предвид сличноста на портфолијата на еврокомесарката Јурова и вицепремиерката Грковска, беа договорени чекори за заеднички активности во наредниот период, стои во соопштението. вг/ев/

 

Фото: Влада

Остани поврзан