• недела, 22 декември 2024

Грковска - Шварц: Корупцијата е проблем присутен секаде и нејзиното сузбивање не е едноставен процес

Грковска - Шварц: Корупцијата е проблем присутен секаде и нејзиното сузбивање не е едноставен процес

Скопје, 3 февруари 2024 (МИА) - Во рамки на работната посета на САД, заменичката на претседателот на техничката Влада задолжена за политики за добро владење, Славица Грковска, одржа средба со Брус Шварц, заменик помошник на јавниот обвинител на САД.

Како што информира владината прес-служба, Шварц високо ја оцени улогата на вицепремиерката во борбата со корупцијата и го поздрави фактот што Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка веќе е во собраниска процедура. На средбата беше договорена идна размена на добри пракси меѓу двете земји, затоа што во САД се применува конфискација без осудителна пресуда.

Двајцата соговорници се согласија дека корупцијата е проблем кој е присутен секаде и дека нејзиното сузбивање не е едноставен процес.  Во таа насока, вицепремиерката Грковска истакна дека во оваа борба неопходно е сите надлежни институции да ја вршат својата функција одговорно и професионално, и дека медиумите, истражувачките новинари и граѓанските организации се партнери на институциите.

Грковска дополни дека институциите од  правосудството не смеат да ја користат својата независност за да креираат комфор зона и мора да постојат санкции и за судии и обвинители кои незаконски постапуваат.

На средбата стана збор и за поддршката која Северна Македонија ја добива од стратешките партнери, кои во континуитет инвестираат во јакнење на нашите капацитети во правосудниот систем, но дека мора да постојат  видливи резултати, квалитетно сработени предмети и успешни конфискации. мч/дма/

фото: Влада на РСМ

Остани поврзан