• понеделник, 23 декември 2024

Грифитс: Речиси осум милиони луѓе ја напуштија Украина

Грифитс: Речиси осум милиони луѓе ја напуштија Украина

Њујорк, 7 февруари 2023 (МИА) - Заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања, Мартин Грифитс, објави дека речиси осум милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на војната пред речиси една година, јави ДПА.

„Речиси осум милиони луѓе ја напуштија Украина во соседните земји, а уште 5,3 милиони луѓе се внатрешно раселени“, изјави Грифитс пред Советот за безбедност на ОН.

Тој додаде дека 17,6 милиони луѓе, односно речиси 40 отсто од населението на Украина, имаат потреба од хуманитарна помош.

Грифитс рече дека има намера да го претстави овогодинешниот план за хуманитарен одговор за Украина, за кој се потребни околу 3,9 милијарди долари, подоцна овој месец во Женева. Тој објави дека нема индикации за скорашен крај на војната.

Според официјалните податоци на ОН, повеќе од 7.000 цивили се убиени од почетокот на руската инвазија на Украина.

„Вистинскиот број на загинати е секако поголем“, рече Грифитс.

Според информациите на Агенцијата за бегалци на ОН, војната го предизвикала најголемиот бегалски бран од крајот на Втората светска војна, посочува ДПА. паг/

Остани поврзан